1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Заедничкиот интерес на СДСМ и албанските партии е СЈО

БГ
31 јануари 2017

Внатрешно-политичката криза во Македонија продолжува, а земјата останува во пат-позиција, пишува денеска Франкфуртер алгемајне цајтунг. Стабилноста на Балканот во фокусот на ТАЦ

https://p.dw.com/p/2WieF
Mazedonien Siegesfeier der Opposition
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Пат позиција во Македонија, оценува Франкфуртер алгемајне цајтунг во денешното издание, откако поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски не успеа да формира влада.
„Со тоа продолжува внатрешно-политичката криза, која всушност требаше да биде надмината со изборите во декември 2016“, пишува ФАЦ.

Весникот наведува дека евентуалната коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе имаше тесно мнозинство од 61 пратеник во Собранието, но „ДУИ поради притисокот од албанската заедница не се согласи“. Понатаму се наведуваат петте опции кои се дискутираат во ДУИ, но за ниту една од нив нема доволно аргументи.

„Тоа важи и за можната влада под раководство на Социјалдемократите, на кои им е потребна поддршка од ДУИи од најмалку уште една партија на Албанците. Таквата коалиција стана помалку веројатна, откако албанските партии на почетокот на јануари, по разговорите со премиерот на соседна Албанија, испорачаа цел каталог услови, за кои партиите на словенските Македонци не можат да се согласат.“

„Во една клучна точка сепак се поклопуваат ставовите на Социјалдемократите и албанските партии: и едните и другите сакаат продолжување на мандатот на Специјалното обвинителство, кој беше ограничен  на 18 месеци откако СЈО почна со работа во декември 2015“.

Фокусот на крајот на текстот се насочува кон претседателот на државата Ѓорге Иванов кој, според ФАЦ, сега има 10 дена да одлучи дали ќе му го довери мандатот на друг политичар.
„Иванов во текот на кризата изминативе години му остана верен на ВМРО (ДПМНЕ, н.з.). Владејачката партија пак уште во ноќта кон понеделникот побара нови избори“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг. 

Serbien Donald Trump-Anhänger in Belgrad
Политиката на Трамп носи опасности за Балканот, пишува ТАЦФотографија: Getty Images/AFP/O. Bunic

Балканот во опасност

Берлинскиот Тагесцајтунг, преку својот дописник на Балканот, информира за опасноста од нови конфликти на Балканот. Опасноста се лоцира во политиката на новиот американски претседател Доналд Трамп кон регионот и можните „дилови“ со рускиот претседател Владимир Путин.

„Диловите со Русија кои ги најави Трамп наскоро би можеле да го погодат и Балканот. (...)Руската политика со години се обидува да го прошири своето влијание врз националистичкото православно население на Балканот“, пишува ТАЦ. Авторот објаснува дека досега политиката на Западот се базирала на ветувањата за пристапување кон ЕУ, но „врзувачката сила на ЕУ исчезнува, а нејзината иднина се чини понеизвесна поради политиката на Трамп“.

„Во политичкиот вакум, пред сѐ српските националисти се обидуваат да утврдат колку далеку можат да одат врз позадината на новата политичка констелација. Тоа го покажуваат случувањата на границата меѓу Косово и Србија, во Босна и Херцеговина, како и во Црна Гора“, пишува ТАЦ.