1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Мали шанси дека Шолц ќе издејствува компромис

БГ
10 јуни 2022

Мали се шансите посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц да помрдне нешто во бугарско-македонскиот спор и да му го отвори патот на Скопје кон ЕУ, оценува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://p.dw.com/p/4CVrj
Димитар Ковачевски Олаф Шолц
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и германскиот канцелар Олаф Шолц во Брисел, 24.03.2022Фотографија: Government of Northern Macedonia

Разговорите во Софија требаше да бидат финалето и можеби дипломатскиот белег на патувањето на Шолц на Балканот, имено како германски придонес во обидите да се смири, барем површно, „историскиот спор“ што го предизвика Бугарија со Северна Македонија, оценува германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг во пресрет на доаѓањето на канцеларот Олаф Шолц во регионот. 

Надежта е дека Северна Македонија, со германска помош, на седницата на Европскиот совет на 23 јуни конечно ќе добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Досега тоа беше блокирано од Бугарија со вето. Но, сега се чини дека Шолц лета директно во владина криза, наведува натаму ФАЦ

Во средата се распадна четирипартиската коалиција на бугарскиот премиер Кирил Петков, откако шоуменот Слави Трифонов ги повлече своите министри од владата. Една од причините за заминувањето, според Трифонов, е и „националното предавство“ кое го прави Петков во обид да го тргне ветото за Северна Македонија. 

„Трифонов ја застапува националистичката линија во Бугарија во однос на Северна Македонија. Според неа, врз основа на бугарско-македонскиот договор за пријателство од 2017 година, кој не само во Скопје се смета за изнудувачки, Македонците мора да признаат дека воопшто не постојат како народ и дека нивниот јазик потекнува од бугарскиот. Тоа не е наведено буквално така во договорот, но натаму одат барањата на Софија“, пишува ФАЦ

Тешки отстапки  

„И онака малите шанси дека посетата на Шолц ќе донесе одржлив компромис во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, сега се уште помали. Надежите дека добронамерните сили во Софија ќе го решат спорот и онака беа авантуристички, затоа што од Скопје се бара нешто што е тешко да се исполни: македонската влада треба да го смени Уставот со двотретинско мнозинство за да го вметне бугарското малцинство во него како конститутивен народ. Дополнително, треба да се направат и други отстапки во компоненти од македонскиот идентитет за кои воопшто не може да се преговара. 

Абрахам: Шолц мора силно да ја притисне Бугарија

(...) Скопје и онака веќе има лошо искуство со измени на Уставот заради нејасната „европска перспектива".  Поранешниот премиер Зоран Заев, со огромен политички ризик, изврши промена на името во Северна Македонија. 

Mazedonien Besuch Kanzlerin Merkel und Premierminister Zoran Zaev
Македонскиот премиер Зоран Заев и германската канцеларка Ангела Меркел во Скопје, 8.9.2018Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

За да се охрабрат Македонците на овој чекор, во 2018 во Скопје допатува и канцеларката Ангела Меркел и индиректно го поддржа преименувањето. Грција потоа го отстрани ветото за трансатлантскиот пат на соседот. Но, наместо да следува награда во форма на почеток на преговорите за членство во ЕУ, веднаш настапи Бугарија со ново вето. 

Зоран Заев во меѓувреме се повлече од политиката. Дали неговиот наследник Димитар Ковачевски има волја и способност, е непознаница. Но, во Скопје веќе знаат дека убавите зборови на германската канцеларка или канцелар не значат многу,“ заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема