1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Уште пет заболени од коронавирус, границите се затвораат

БГ
16 март 2020

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека е потврден Ковид-19 кај уште 5 пациенти, додека за уште двајца ќе се извршат дополнителни тестирања. Со одлука на Влада, границите целосно се затвораат.

https://p.dw.com/p/3ZY90
Coronavirus in Nord Mazedonien, Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Пет нови лица заболени од коронавирус се откриени во земјава, додека двајца кои имале позитивен резултат на приватна клиника, дополнително ќе бидат тестирани на државната Клиника во Скопје во вторник (17.03.) Владата вечерва ги заостри мерките за борба против коронавирусот со одлука за целосно затворање на сите граници, вклучително и аеродромот во Скопје.

„Денеска имаме пет нови позитивни пациенти и двајца дијагностицирани во друга лабараторија кои треба да се потврдат утре во нашата лабораторија“, изјави Филипче вечерва на прес-конференција.

Четворица од новорегистрираните случаи се од Дебар и се инфицирале од двајцата првозаразени од овој град. Петтиот е случај е македонска државјанка која во земјава пристигнала од Холандија, преку Виена, пред четири дена, но во меѓувреме била во самоизолација. Се контактираат членовите на нејзиното семејство, возачот на таксито кое ја донело од скопскиот аеродром до дома, како и уште 31 лице кое патувало со неа во авионот. 
Денеска започна, а утре ќе продолжи, масовно тестирање на граѓаните на Дебар. Филипче спомена бројка од 50 до 80 луѓе кои ќе бидат опфатени со овој скрининг. 

Со одлука на Владата се затвораат сите гранични премини во државата за странски државјани, како и скопскиот аеродром. Исклучок од одлуката се товарните возила кои транзитираат, претставници на дипломатскиот кор и други лица за кои МВР ќе даде одобрение. Услугите на аеродромот ќе можат да се користат само за државни, воени, карго, хуманитарни потреби, како и за празни летови.

И шефот на дипломатијата Никола Димитров вечерва апелираше до сите граѓани да не патуваат надвор од земјата, особено со оглед на негативното искуство кое деновиве го имаат бројни македонските државјани кои останаа заглавени на бројни граници во Европа, и особено во поширокиот регион. Тој ги повика и државјаните кои имаат престој во странска држава да не се враќаат во земјата.