6 нови жртви, извесно продолжување на вонредната состојба
14 април 2020Македонскиот претседател Стево Пендаровски, денеска изјави дека е извесно оти вонредната состојба, која е воведена поради пандемијата со коронавирусот, ќе биде продолжена уште за еден месец. Тој, за време на посетата на армиските единици во касарната „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово, рече дека сосема е извесно оти вонредната состојба на територијата на целата земја ќе биде продолжена за 30 дена, доколку владата поворно го побара тоа.
„Според она што го знам, а тоа го знае и јавноста, и нема никаква тајна во врска со оваа пандемија, мислам дека шансите се извесни или големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба“, изјави Пендаровски.
Како што соопшти кабинетот на Претседателот, пандемијата на коронавирусот не е само македонски изолиран проблем, но и оти „внатрешната состојба која не ескалира, но и сѐ уште не се редуцира, бара ваков ангажман од сите институции и ваков тип на состојба“.
Повеќе:
-Вонредната состојба истекува, што понатаму?
-Потврден велигденскиот карантин, Дебар подготвен за скрининг
-Што е добро сценарио во пресрет на пикот на Ковид-19?
Министерот за здравство Венко Филипче на својот Твитер профил денеска објави дека во изминатите 24 часа Ковид-19 е дијагностициран кај уште 54 лица. Со тоа вкупниот број на заразени од новиот коронавирус достигна 908.
Бројот на досега починати од последиците на болеста се искачи на 44, откако 4 лица починаа во Клиниката за инфективни болести во Скопје и уште двајца во болницата „8 септември“.
Во изминатите 24 часа, регистрирани се и 42 лица излечени од Ковид-19.
Инаку, Пендаровски на 18 март прогласи вонредна состојба на целата територија на земјата во траење од 30 дена, како што тогаш изјави, поради заштита на граѓаните и поради борба со последиците од ширење на Ковид-19 и за владата да добие пошироки овластувања.