1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Препорака да нема карантин за цели класови

ЕМФ | АРД
7 септември 2021

Министрите за здравство на германските покраини бараат да нема веќе карантин за комплетни класови. Последниот збор го имаат институтите за јавно здравје.

https://p.dw.com/p/400s1
Deutschland | Erster Schultag in Hamburg nach den Sommerferien
Фотографија: Christian Charisius/dpa/picture alliance

Покраините досега беа многу неединствени во врска со пристапот кон инфекцијата со коронавирус во училиштата. Додека во некои покраини при еден заразен ученик во карантин мораа да одат цели класови, во други покраини важеше обврска за изолација само за лицата кои биле во директен контакт со заразениот, како и учениците кои во училница седат покрај него.

Сега покраинските министри за здравство постигнаа согласност за единствени правила на ниво на државата. Според баварскиот министер за здравство Клаус Холечек, кој е претседавач со конференциите на ресорните колеги, се предлага во иднина да нема веќе обврска во карантин да одат цели класови, а учениците или наставниците и другите членови на персоналот кои биле во директен контакт со инфицираното лице би требало да можат да излезат од карантин по пет дена, доколку со тест се покаже дека не се заразиле. Вакцинираните и оздравените ученици би требало сосема да бидат изземени од обврската за карантин.

Повеќе: Корона: Слобода на сметка на децата?

Ваквата препорака сега ќе им биде дадена на институтите за јавно здравје. Локалните институции го имаат последниот збор врз основа на проценката на состојбата на лице место.

Schulbeginn Weltweit Mecklenburg-Vorpommern, Deutschland
Фотографија: Jens Büttner/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Олабавени мерки за карантин само ако има голема заштита од зараза

Со олабавените правила би требало да се обезбеди настава со физичко присуство во најголема можна мера, изјави Холечек. Но, и натаму мора да постои голема заштита од инфекции. Тоа значи дека олабавениот карантин може да се примени само ако училиштата имаат концепти за заштита, на пример системи за вентилација, редовно тестирање и обврска за носење маски.

Повеќе: Пандемијата ги направи децата тажни и осамени - им недостасува дружба и училиштето

Сојузната министерка за образование Анја Карличек го поздрави договорот на покраинските министри за здравство. „Тоа ќе го зголеми степенот на прифатеност во училиштата. Исправно е што се предвидува ограничување на траењето и бројот на лицата кои мораат да одат во карантин“, изјави таа за генцијата ДПА. Тоа, според неа, ќе придонесе за одржување на наставата со физичко присуство за што поголем број деца и млади. „Важно е меѓутоа и институтите за здравство секогаш да ги разгледуваат одделните случаи“, додава Карличек, која апелира до возрасните да ја прифатат понудата за вакцинирање против коронавирус: „Пандемијата останува опасна за нашите деца кои сѐ уште не можеле да бидат вакцинирани или кои сѐ уште не се вакцинирани.“

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан пред покраинските колеги се заложи за единствени правила во училиштата: „Станува збор за наоѓање вистински баланс помеѓу тоа што е соодветно за секојдневната работа на училиштата и она што значи добра заштита за децата, младите, за сите во училиштето.“