1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Учениците од септември веројатно ќе останат дома

БГ
11 август 2020

Онлајн настава без физичко присуство на учениците во училиштата е предлогот на Комисијата за заразни болести кој денеска го соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Само првоодделенците ќе одат на настава.

https://p.dw.com/p/3goG4
Nord-Mazedonien | Schulbeginn in Skopje
Фотографија: P. Stojanovski

Сите ученици, освен првооделенците, од 1 септември наместо на училиште ќе ја следат наставата од дома онлајн. Тоа го предлага Комисијата за заразни болести поради страв од натамошно ширење на заразата со коронавирус во земјата. Министерот за здравство Венко Филипче денеска го соопшти планот на Комисијата кој треба да се разгледува и од Владата. Конечната одлука треба да се донесе за неколку дена откако ќе се дискутира и со Министерството за образование. 

„Во оваа ситуација стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во оваа ситуација, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да не чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија“, изјави денеска Филипче. 

- повеќе на темата: Коронавирусот и училиштата: Како функционира тоа во Германија
Денеска Владата го разгледа Планот за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и донесе заклучок тој да биде споделен со Комисијата за заразни болести, по што врз основа на мислењето на Комисијата да биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставата.

Комисијата и Министерството досега не успеаја да се договорат за тоа како треба да изгледа наставата од 1 септември, а последниот состанок закажан за денеска беше откажан. Утре ќе се одлучува за почеток на работа на градинките. 
Денеска во земјата беа регистрирани 141 новозаразени од коронавирус. 

Како до ефикасна настава преку интернет?