Уценето добрососедство: Белград - Скопје виа Интерпол
8 септември 2017Ни Денот на независноста на Македонија, 8-ми септември, не поминува без „искри“, овојпат сосема различни од оние што и даваат сјај на роденденската торта. Честитките за празникот се засенети со наслови кои ги доведуваат под прашање и добрососедските, и односите во регионот.
„Ново предавство: Македонија ќе гласа за Косово во Интерпол“. „Ништо од пријателството: Македонија ѝ забива нож на Србија“. Ваквите наслови во српски медиуми следат по интервјуто во „Вечерње новости“ на Иван Стоилковиќ, пратеник во македонското Собрание и претседател на Демократската партија на Србите (ДПС) во Македонија, објавено под наслов „Следи нова 'војна' на Белград и Скопје“. Запрашан дали добил одговор на прашањето што го поставил во Собранието - како ќе гласа Скопје кога кон крајот на септември ќе се одлучува за приемот на Косово во Интерпол, Стоилковиќ одговорил: „Не добив, но нема сомнеж дека Македонија ќе даде глас за членство. По дипломатската војна што се случи меѓу Белград и Скопје, тоа повторно ќе отвори тензии меѓу двете земји. Не добив одговор ни на прашањето што точно направиле македонските служби за Србија да го повлече персоналот од својата амбасадата, и дали зад тие активности стојат претставници на странски фактор“.
Расправата во македонското Собрание за законот за употреба на јазиците, тој ја оценил како „вовед во федерализација на Македонија“ и додал дека ДПС заедно со ВМРО-ДПМНЕ поднеле амандман во кој се бара освен македонскиот и албанскиот, ист статус да добијат и српскиот и турскиот јазик. Шансите тој амандаман да помине, тој ги оценил како „никакви“.
„Албанците го држат Заев во шака, бидејќи парламентарното мнозинство е исклучително тенко и секој час се заканува паѓање на Владата. На Заев не му одговара никаква криза, особено не пред локалните избори на 15-ти октомври, и затоа ќе ги прифати сите барања на Албанците“, изјавил Стоилковиќ.
Запрашан дали следниот чекор во Собранието е усвојување на резолуција за геноцидот над албанскиот народ во Македонија во период од 1912 до 1956 година, тој вели дека „во оваа фаза веројатно не, но прашање на време е кога Албанците и тоа ќе го побараат“.
Покана од Белград
Ваквите навестувања за нови тензии доѓаат во многу чувстителен период за односите меѓу двете земји: само три недели откако Белград и Скопје низ дијалог го симнаа правот што се крена по краткотрајното повлекување на персоналот од српската амбасада во Македонија, поради причини кои до денес останаа непознати. Но, најавите за нови тензии доаѓаат и во ист ден кога српската премиерка Ана Брнабиќ упати покана до премиерот Зоран Заев да го посети Белград, оценувајќи дека средбата ќе биде позитивен исчекор во односите меѓу двете земји. Брнабиќ ја упати поканата од вчерашната средба со македонската амбасадорка во Белград, Вера Јовановска - Типко, на која било разговарано за натамошно јакнење на добрососедските односи и регионалната соработка. На средбата Брнабиќ нагласила дека двете држави имаат многу простор за развој на меѓусебните односи, особено во економијата и туризмот, а имплементацијата на Акцискиот план за регионален економски простор на Западен Балкан е значајно прашање кое ќе ја олесни и подобри таа соработка. На средбата српската премиерка и македонската амбасадорка се согласиле дека без политичка стабилност нема ни економски просперитет и дека искрениот и отворен дијалог е единствениот начин за надминување на сите отворени прашање. Вечерва во Белград македонската амбасада ќе организира свечен прием по повод Денот на независноста, на кој се очекуваат највисоките претставници на српскиот државен врв.
Сѐ зависи од гласањето!?
Засега не е прецизирано кога ќе се реализира посетата на македонскиот премиер на Србија. Но, според белградска „Политика“, тоа ќе зависи и од посочените настани и од македонските потези.
„Кога таа посета би можела да биде остварена, но и во какво расположение, сигурно ќе зависи од случувањата на генералното собрание на Интерпол. Пратеникот во Собранието и претседател на ДПС, Иван Стоилковиќ, е уверен дека Maкедонија, поради свои внатрешни проблеми и oдноси меѓу партиите на власт, ќе гласа во прилог на Приштина. A тоа, извесно би изнудило соодветна реакција“, пишува весникот.
Официјални српски претставници во повеќе наврати изјавуваа дека Косово не смее да биде примено ниту во УНЕСКО, ниту во Интерпол, и за ваквиот став на Белград отворено бараа поддршка од Македонија. Пред неколку дена српскиот претседател, Александар Вучиќ, запрашан за односите со Македонија изјави: „За нас е важно каква ќе биде нивната позиција по повод УНЕСКО, како и за некои други прашања важни за Србија. Ќе градиме реципрочни, искрени и добри односи со Македонија. Но, ние повеќе нема да бидеме вреќа за удирање од кого било, а притоа ни рака да не кренеме“, изјави Вучиќ.
Новата македонска Влада од почетокот на нејзинот мандат ја декларира намерата за градење добри и пријателски односи со сите соседи без исклучок, а веќе спроведе и конкретни чекори во односите со некои од нив. Од тој аспект, притисокот врз Македонија од еден сосед против членство во меѓународна организација на друг сосед, во политички кругови се толкува како „крајно непринципиелен“, со став дека односите меѓу Белград и Приштина не смеат да се „решаваат“ преку грбот на Македонија.
Од македонската Влада за ТВ „Канал 5“ изјавиле дека „сѐ уште траат консултациите и дека финалната одлука ќе ја донесат една недела пред гласањето“, кое е закажано за време на Генералното Собрание на Интерпол, што од 26 до 29 септември ќе се одржи во Пекинг. За да биде примено во меѓународната полициска организација, на Косово му е потребно двотретинско мнозинство, односно 126 гласа од 190 членки на Интерпол.