1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Утринска тортура

8 декември 2021

Во овој паралелниот, нормален свет, утрото не започнува ниту со ВМРО ниту со СДСМ, Алтернатива, Беса или ДУИ, туку почнува со зборовите „ајде станувај“. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/43yjd
Ученици Спиење Настава
Децата немаат доволно време за спиење, односно спијат во просек далеку помалку од тоа што е препорачано согласно научните стандарди.Фотографија: Fotolia/Robert Kneschke

Работен ден. 6 часот и 30 минути. Те молам стани, време е за во школо, те молам стани 5 пати, ајде станувај 10 пати, станувај сто пати. Не станува. Тешко е. Секое утро е исто. Вака започнува секој нов работен ден за родителите кои имаат дете ученик. Ова предизвикува нервоза кај родителите, кои и самите брзаат на работа. Секое утро е сериозно стресно и за децата и за родителите. Неретко се претвора и во вистинска утринска тортура и за родителите и за децата. Децата се хронично ненаспани, родителите се хронично нервозни. Една од причините за ова е што децата спијат помалку од тоа што треба. Треба да бидат во училиште во 7.15 часот, наутро. Многу рано. Немаат доволно време за спиење, односно спијат во просек далеку помалку од тоа што е препорачано согласно научните стандарди. Според медицинските препораки децата на возраст од 6-13 години треба да спијат од 9-11 часови дневно, односно во просек 10 часа. За да стане едно дете во 6.30 часот наутро треба да заспие во 20.30 часот. Би ве запрашал, дали познавате некое дете кое заспива во 20.30 часот? Јас не. Посебно не деца од 9 до 14 години. Времињата кога се легнуваше после мечето ушко во 19.15 часот, одамна се зад нас. 

Како резултат на ова, денот на секое дете започнува прилично драматично, со нервоза, со тешко будење, неретко и со кавга, а продолжува прилично интензивно и со набиена агенда. Децата се враќаат од училиште, потоа имаат малку време за одмор и дружење, а потоа како на лента се движат од час по странски јазик, математика, спортски тренинг, музичко, балет или слични активности. А мора да остане и време за учење. Има деца кои одат и на странски јазик и на музичко и на спортски тренинг. Деновите кога ученикот е на тренинг се враќа дома подоцна, во некои случаи и во 21:30 часот. Не може да заспие пред 22.30 и да сака, па често заспива и во 23 часот. Будењето почнува во 6.30 часот и трае петнаесетина бурни минути. Резултатот од ова е детето да спие само 7 часа и 30 минути, односно 2 часа и 30 минути пократко од потребното и 1 час и 30 минути помалку од препорачаниот минимум. 

Ќе им помогнеме ли на учениците да излезат од ковид-лонецот

Според Линел Шнеберг доктор на науки на Медицинскиот факултет на Универзитетот Јеил, децата лишени од сон имаат повеќе проблеми во однесувањето, повеќе академски проблеми, повеќе здравствени проблеми, повеќе ризични однесувања и повеќе проблеми поврзани со анксиозноста и расположението. 

Според истражувањето на Американската академија за педијатрија од 2019 година квалитетниот сон е неопходен за учење, бидејќи тоа им помага на децата да се концентрираат, да запомнат нешта и да се однесуваат добро. 

Никола Тодоров Северна Македонија
Никола Тодоров е поранешен вицепремиер и министер за здравствоФотографија: DW/B. Gerogvievski

Според д-р Суџеј Кансагра, директор на програмата за медицина на спиењето на педијатриска неврологија на Универзитетот Дјук „Младите луѓе, особено тинејџерите, сè уште го развиваат својот фронтален лобус и вештините за донесување одлуки, но кога недостатокот на сон е влошен, развојот на нивниот фронтален лобус е најмногу нарушен (ослабен), па ова може да предизвика намалување на менталната функција слично на онаа на пијана личност, каде што процесите на донесување одлуки се одложуваат и нарушуваат, вниманието е скратено и функционирањето на меморијата е намалено. 

Како е во светот? 

Во Финска, земја чиј образовен систем се смета за еден од најдобрите во светот, часовите започнуваат во 8:15 часот, а завршуваат до 14:45 часот, со одмор за ручек во траење од 1 час и одмор помеѓу секој школски час во времетраење од 15 минути, така што учениците имаат доволно време за релаксација помеѓу часовите. Во Франција часовите започнуваат во 8.30 часот, во Германија помеѓу 7.30 и 8.15 часот, во Данска во 8 часот, во САД во 8 часот, во Русија помеѓу 8 и 9 часот, а во Тајван училишниот ден се смета за најдолг во светот и започнува во 7:30 часот, и трае во просек 9,6 часа.  

Дали училишниот ден да започнува во 8.15 или 8.30 часот? 

Со оваа колумна, сакам да поттикнам размислување на оваа тема. Тргнувам од претпоставката дека не можеме децата да ги „натераме“ да си легнат во 20.30 часот, ниту пак дека треба да се откажат од спорт и спортски активности или пак културолошка или јазична дообразба.

Законот не го унифицира времето во кое започнува наставата, туку тоа е оставено да се регулира со статутот на секое училиште. Ако е така, дали сметате дека отпочнувањето на наставата треба да се унифицира и училишниот ден да започнува во 8:15 часот или 8:30 часот? Ова ќе им овозможи на децата да имаат дополнителен 1 час и 30 минути сон, полесно будење, помалку утрински нервози и подобри резултати во учењето и, што е исто така важно, ова ќе помогне учениците да имаат помалку проблеми во однесувањето, помалку академски и здравствени проблеми, помалку ризични однесувања и помалку маки поврзани со анксиозноста и расположението. Дополнително, но сепак важно, ова ќе помогне родителите и децата да не бидат како „станати на лева нога“ секој ден. 

Пандемијата ги направи децата тажни и осамени - им недостасува дружба и училиштето

Некој ќе рече, село гори баба се чешла, бидејќи главна преокупација овие две недели во државата е дали Заев ќе си замине, па дали Кастриот Реџепи бил киднапиран или пак човекот си патувал со срцето преку Брисел до Вашингтон и назад, кои министерски позиции ќе ги добие Алтернатива и кој од тројцата кандидати за претседател на СДСМ ќе вети дека ќе ја укине мерката-пластична ќеса=15 денари. Но, во Македонија постои уште еден паралелен свет, во кој ништо од ова не е толку важно, свет во кој доминираат реални теми и реални животни проблеми, па затоа сакам да поттикнам дебата за една навидум тотално политички неважна тема. Мене, искрено, некако ми e здодевно да се занимавам со оваа евтина македонска политичка сапуница, па ете токму на денот кога го чествуваме Св. Климент, решив да пишувам за она што просечниот Македонец го мачи секој еден работен ден. Ако кај нас има повеќе од 260.000 ученици, сметам дека ова не е така неважна тема за дискусија или поле за сериозна реформа. Ова, затоа што во овој паралелниот, нормален, свет, утрото не започнува ниту со ВМРО ниту со СДСМ, Алтернатива, Беса или ДУИ, туку почнува со зборовите „ајде станувај".

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема