Владата одлучи - полициски час од полноќ
11 мај 2021Утревечер поради верскиот празник Рамазан Бајрам граѓаните без никакви ограничувања ќе можат да се движат во текот на ноќта. Од четврток пак, стапува на сила нова олеснителна мерка со која полицискиот час ќе почнува од полноќ и ќе трае до 5 часот изутрина. Ваква одлука донесе Владата, со што се олабавуваат дел од рестриктивните мерки коишто беа на сила поради пандемијата со Ковид-19.
Угостителските објекти ќе може да работат до 23.30 часот. Од утре, сите настани може да се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30% од капацитетот на затворениот простор. Од утре се отвараат и вежбалните, фитнес центрите и теретаните.
-повеќе на темата: Филипче: Маски мора да се носат, рано е за свадби и концерти
Mинистерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека новите мерки предложени од Комисијата за заразни болести се врз основа на стабилизацијата на епидемиолошката состојба во земјата.
На Инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава лежат 701 и има околу 1.000 празни болнички кревети во Ковид-центрите. Минатата недела е регистриран пад за над 37% на заразени од Ковид-19, во споредба со неделата претходно, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, односно 39%. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (17,4%), 50-59 (16,0%), 30-39 (13,5%) и 20-29 (8,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (2,0%) и 10-19 години (4,1%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најголемо процентуално намалување кај лицата до 39 години (41,1%), се наведува во извештајот.