Утре во Владивосток самит Путин-Ким
24 април 2019Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун пристигна денеска со воз во Русија еден ден пред самитот со претседателот Владимир Путин. Претходно, севернокорејските државни медиуми потврдија дека Ким тргнал со својот блиндиран воз од Северна Кореја, но не го наведоа местото од каде тргнал.
Руските власти објавија повеќе фотографии на кои Ким, облечен во црн капут и со шешир, се среќава со руски владини претставници на железничката станица Хасан во близина на руската граница со Северна Кореја. Руската агенција ТАСС, повикувајќи се на претставник на локалните власти, јави дека Ким бил пречекан со цвеќе и со леб и сол, а во рускиот одбор за дочек биле заменикот министер за надворешни работи Игор Моргулов и министерот за алечниот исток Александар Козлов.
„Се радувам дека сум на руско тло“, изјавил севернокорејскиот властодржец. Ким Јонг Ун ќе го продолжи патот до Владивосток, каде што утре ќе има состанок со Путин.
Се очекува тој денеска доцна попладне да пристигне во Владивосток и да присуствува на вечерата која ја приредува заменикот на рускиот премиер Јури Трутнев, пренесуваат јужнокорејските медиуми. По состанокот со Путин, Ким би можел да ги посети соседните објекти и знаменитостите пред поаѓањето дома во петок.
Повеќе:
-Трамп и Ким: Многу театар, никаков напредок
-Нема да има нов самит Трамп-Ким
Советникот на Кремљ, Јури Ушаков, за руските медиуми изјави оти самитот ќе биде посветен на севренокорејската нуклеарна програма и дека Русија ќе настојува да ги зацврсти позитивните тенденции кои произлегоа од состанокот на Ким со американскиот претседател Доналд Трамп.
Советникот на Путин рече оти Кремљ ќе се труди да создаде предуслови и поволна атмосфера за постигнување солидни договори за проблемот на Корејскиот полуостров.
Вториот самит на Ким со Трамп, кој се одржа во февруари во Ханој, се заврши без договор поради несогласување околу американските санкции. Оттогаш, колку што е познато, немало контакт на високо ниво меѓу САД и Севрна Кореја, иако двете страни изразија подготвеност за одржување на трет самит. Ким сака САД да ги ублажат санкциите како противмерка за некои делумни чекори кон разоружувањето кое тој го презеде минатата година, но САД инсистираат на тоа санкциите да останат сѐ додека Северна Кореја не преземе поодлучни чекори кон денуклеаризација.
Некои стручњаци сметаат дека Ким би можел да се обиде да ги засили своите врски со Русија и со Кина. Севрена Кореја сѐ повеќе изразува незадоволство поради застојот во преговорите со САД. Минатата недела Севрена Кореја тестираше ново оружје и побара државниот секретар на САД, Мајк Помпео, да ги напушти нуклеарните преговори.