Уставен суд на Косово: Харадинај не може да биде мандатар
11 јуни 2014Коалицијата на Демократскиот сојуз на Косово на Иса Мустафа, Алијансата за иднина на Косово на Рамуш Харадинај и Иницијативата за Косово на Фатмир Лимај вчера (10.06) формираа постизборна коалиција која веднаш излезе со одлука да го предложи Харадинај за премиер. Постигнатиот договор на трите партии го поддржа и движењето Самоопределување на Албин Курти.
Од Уставниот суд и кабинетот на косовската претседателка Атифете Јахјага меѓутоа изнесоа забелешки на оваа одлука, оценувајќи дека тоа не е во согласност со Уставот.
„Уставот е јасен - право на мандат за формирање влада добива партија која е прва по резултати, во конретниот случај ДПК, која има право двапати со различни мандатари да се обиде да формира Влада на Косово“, пишува приштинскиот портал „Газетатрибуна“.
Претседателот на косовскиот Уставен суд Енвер Хасани вели дека коалиција подразбира обединување на партии кои пред изборите направиле договор и на изборите добиле мнозинство гласови.
Тој за медиумите објаснува како се избира нова влада, врз основа на член 95 од Уставот. „По изборите, Претседателот на Република Косово му предлага на парламентот кандидат за премиер за да формира влада, по консултација со политичката партија или коалиција која добила мнозинство во Парламентот. Кандидатот за премиер не подоцна од 15 дена по дадениот мандат го соопштува составот на владата пред Парлементот и бара од него да биде изгласана. Владата се смета за избрана доколку добие мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, објаснува Хасани.
Според него, доколку не биде изгласана владата, Претседателот на државата во рок од десет дена по иста процедура одредува друг мандатар за состав на владата. Доколку и тогаш не се изгласа Владата, шефот на државата закажува нови вонредни парламентарни избори, кои треба да се одржат најдоцна за четириесет дена.
И добриот познавач на Уставот на Косово, Арсим Бајрами, изјави дека опозицијата попусто се радува, додавајќи дека нивниот договор е антиуставен и не подразбира право да формираат влада. Тоа, според него, прво е право на партијата или коалицијата која добила мнозинство гласови на изборите.
Меѓутоа некои незавини стручњаци по уставно право од Косово сметаат дека вчера формираната коалиција треба веднаш да добие мандат за формирање влада.