1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успешната историја на Зелените

29 март 2011

Атомската катастрофа во Јапонија и превртливата политика на канцеларката за атомските централи им беа од голема полза на Зелените, на покраинските избори во Баден-Виртемберг. Историски моменти за Партијата на зелените.

https://p.dw.com/p/10jEQ
Голем успех на Зелените на покраинските избори во Баден-ВиртембергФотографија: dapd

Високиот, седокос политичар првпат ги претставуваше Зелените во Германскиот парламент во 1985 година, тогаш во Бон. Тој е дел од 30-годишната историја на партијата. Почетокот беше радикален протест. Кристијан Штребеле вели:

„Зелените настанаа од критиките за постоечкиот етаблиран партиски систем и не сакаа да станат како останатите, затоа поставија низа формални ограничувања, имено разграничување на функција и мандат, квотација. Тие сакаа да направат нешто поинакво и не сакаа да станат партија во етаблирана смисла.“

Поинакви од етаблираните партии

Kretschmann Landtagswahl Baden-Württemberg
Винфрид Кречман од Партијата на зеленитеФотографија: dapd

Дојде вистинскиот момент за тоа, вели Штребеле. ЦДУ, ЦСУ, СПД и ФДП одбиваат дискусии за вооружување, правата на жените и заштита на животната средина. На парламентарните избори во 1980 година Зелените освоија 1,5 проценти гласови. Три години подоцна добија 5,6 насто гласови и влегоа во Бундестагот. Иконата на Партијата на зелените, новоизбраната пратеничка Петра Кели, на патот кон Парламентот увери дека и понатаму се придржуваат до целите на протестното движење:

„...и затоа сметам дека ова е една форма на обврска кон движењето, во чие име влегуваме во Бундестагот и никогаш нема да го изневериме.“

Зелените имаат голема недоверба наспрема демократските институции. Пратениците во неформална облека можеби затоа радо покажуваат дека се поинакви. Кристијан Штребеле се сеќава:

„Со зелени гранчиња, сосема поинаква облека, но што е најважно, со сосема поинакви содржини на говорницата.“

Зелените станаа народна партија

Deutschland Geschichte Parteien Grüne 30 Jahre Joschka Fischer und Holger Börner
Јошка Фишер беше првиот министер на покраинско ниво од ЗеленитеФотографија: AP

Зелените ја придвижуваат германската политика со нивната работа како опозиција. Партиите од Унијата, социјалдемократите и либералите мораа да почнат да се занимаваат и со зелени теми. Во 1985 година се формира првиот зелен сектор во владата, најпрво на покраинско ниво. Јошка Фишер е назначен за министер за екологија во покраината Хесен.

Фишер стапи на функцијата во патики и лежерен сако, и беше наречен министерот во патики. Во 1998 година Зелените заедно со СПД првпат ја формираат сојузната влада. Јошка Фишер станува министер за надворешни работи и со тоа сноси дел од одговорноста за учеството на Германија во војната на Косово, што наиде на остри критики на Сојузниот конгрес на Зелените во мај 1999 година во Билефделд. Како дел од владата, Зелените сносат дел од одговорноста за испраќање на германски трупи во Авганистан. Кристијан Штребеле зборува за негодувањата во рамките на партијата:

„Денес Зелените се народна партија.“

Политичарите од Зелените носат костум, но на гласачите тоа им се допаѓа. Зелените добија над 24 насто од гласовите на покраинските избори во Баден-Виртемберг. Тоа е досега најдобриот изборен резултат во историјата на Зелените, кои ги победија дури и СПД, а наскоро ќе добијат и свој шеф на покраинската влада.

Автор: Хајнер Кизел / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски