1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-вакцина: Што всушност чекаме?

Јулија Вергин
5 септември 2020

Водечкиот германски имунолог Томас Камрат е „воодушевен“ од брзината со која се развива вакцината за коронавирусот. Во интервју за ДВ, тој, меѓутоа, предупредува дека не треба да се очекуваат чуда.

https://p.dw.com/p/3hzxc
Symbolbild Corona-Impfstoff
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Во трката за пронаоѓање вакцина против коронавирусот учествуваат над 170 лаборатории. Седум од нив стигнаа до завршната фаза на клиничко тестирање. Процесите кои инаку траат со години, сега се одвиваат со рекордна брзина. Бидејќи се работи за живот и смрт, пари и моќ. Но, дали воопшто може да стане збор за какви било ловорики?

Дали вакцината е навистина решение за сите, како што често се зборува во јавните дебати? „Лично би бил задоволен кога би постоела безбедна вакцина, која може да се освежи на секои две години, но која би имала силно влијание врз насоката на болеста“, вели познатиот германски имунолог Томас Камрат.

Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна

„Можеби вакцината нема да спречи кивавица или други полесни симптоми. Меѓутоа, најмалку што се очекува е да ги спречи респираторната инфлуенција и тешките оштетувања на органите. Ако вакцината успее само да ја претвори насоката на болеста која води кон смрт во поблаг облик, тоа за мене би било успех. Сѐ повеќе од тоа би било многу голем успех“, вели Камрат во интервју за ДВ. 

Да не е пребрзо?

Развојот на вакцината е и првокласно политичко прашање. Русија побрза да одобри вакцина, а американскиот претседател Доналд Трамп верува дека Управата за храна и лекови во САД, намерно ја кочи работата на развој на вакцината, за да спречи претседателот пред истекот на мандатот да се покаже како успешен борец против пандемијата.

Томас Камрат, директор на Институтот за имунологија на Универзитетската клиника во Јена и претседател на Германското друштво за имунологија, вели дека не е скептичен туку е „одушевен“ од брзината со која се работи на вакцината.

Повеќе:

-И Куба во трката за корона-вакцина

-Коронавирус: САД сакаат да почнат со вакцинирање во ноември

-Операција Спутник: Путин и здравствената Студена војна

Инаку, потребни се десетина години додека некоја вакцина не дојде до масовно производство, а рекордер засега е вакцината против ебола која се појави по 5 години работа. „А сега е сѐ уште побрзо“, вели Камрат, додавајќи оти сепак не се почнало од нула бидејќи веќе е познато кој протеин е добар одговор за САРС-вирусите, и дека кинеските научници уште во јануари на интернет поставија секвенца на вирусот.

Вакцинација или не?

„Брзината на целиот процес се зголемува бидејќи чекорите, кои инаку одат еден по друг, сега да одат паралелно. На пример, веќе сега се создаваат производствени погони за вакцини кои можеби никогаш нема да постојат“, вели имунологот.„Меѓутоа, во никој случај не смее да се случи безбедносните тестирања да станат полабави отколку што е потребно! Колку и да е тешка ситуацијата, сепак симптомите кај 80 отсто од луѓето, ако воопшто ги имаат, се прилично слаби. Тоа значи дека, ако се вакцинирам против нешто такво, морам да бидам многу сигурен дека нема да се случи никаква штета! На крајот, вакцината ја даваме на здрави луѓе“, предупредува Камрат.

Имунитет на стадо - камено време“

Коментирајќи одделни залагања дека заразата целно полека се шири за да се стекне имунитет на стадо, германскиот имунолог не се согласува со тоа. „Ако погледнете колку стапки на зараза би биле потребни и колкава би била смртноста, тогаш тоа е метод од камено време.

Недамнешната вест од Хонгконг, дека е можно двапати да се зарази со коронавирусот, ја направи расправата одвишна. „Сега мораме да појдеме од тоа дека имунитетот не трае доживотно. Затоа се надевам оти никој повеќе нема да се залага за имунитет на стадо. Имунитетот на стадо се постигнува со вакцинирање“, категоричен е Камрат.

Вакцина за коронавирусот се тестира и во Африка

Тој препорачува вакцинирање против грип пред оваа есен. „Од една страна, заради лична заштита, затоа што сè уште не знаеме дали имунолошкиот систем поради грипот ќе ослабне до тој степен, така што ќе стане поподложен на Ковид-19. Од друга страна, со цел да не се преоптоварува здравствениот систем. И грипот е поврзан со одредена смртност. Симптомите можат да бидат слични, па затоа не е можно веднаш да се направи разлика во болницата дали станува збор за грип или Ковид-19 “.

Кога и ако пристигне вакцината за коронавирусот, Камрат се надева дека ќе биде ефикасна кај постарите лица. „Тогаш вакцината прво треба да им се дава на повозрасните лица и на оние кои веќе имаат здравствени проблеми. Исто така, оние кои се особено изложени и кај кои постои висок ризик дека можат да го прошират вирусот. „Млад, здрав човек кој живее во шумска колиба е веројатно последниот што треба да се вакцинира“, заклучува имунологот во интервјуто за ДВ.