Лавината тргна од УБК и Кабинетот на Иванов
4 декември 2018Три сведочења на обвинети за организацијата на насилствата од 27-ми април 2017 може да донесат нов пресврт во судскиот процес. Прстот го вперија во поранешкиот директор на УБК, Владимир Атанасовски, чии налози преку обвинетиот Александар Василевски - Нинџа биле пренесувани кај дел од обвинетите учесници во „крвавиот четврток“. На товар му се ставаат наредби за палење на домовите на Шекеринска и Шилегов, на возилото на Фрчкоски, следење и дискредитација на политички опоненти, напади на новинари, делење на оружје на учесници во протестот донесено со возило на УБК... Подготовките за тој чин почнале во февруари, паралено со протестите. Уште тогаш се знаело дека на денот кога ќе се направи обид да се избере претседател на Собранието ќе треба да се влезе во законодавниот дом. Овие активности имале „претходница“ уште по изборите во декември 2016 година, кога молотови коктели требало да бидат фрлени во ДИК, доколку биле одбиени изборните жалби на ВМРО-ДПМНЕ. Во сведоштвата беше посочен и советникот на претседателот на државата, Синиша Алексовски, од каде што доаѓале информации дека Иванов на 27-ми април вечерта ќе прогласи воена состојба, дека воена полиција врши блокади и дека ќе биде уапсено раководството на СДСМ.
Повеќе:
Собранието ќе помирува без преминување на „црвени линии“
Судење за 27 април: Кој подготвувал сендвичи за „крвавиот четврток“?
Нови изненадувања
Додека Иванов е на Самит за климатски промени во Полска, од неговиот кабинет стигна демант на исказите на обвинетите Стефан и Петар Младеновски.
„Давање лажен исказ е кривично дело. И по, не знаеме кој пат, Кабинетот на претседателот на Република Македонија ги отфрла искажаните лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексовски во случајот од 27 април“, соопштија од Кабинетот на Иванов.
Оние кои го следат судскиот процес немаат дилеми дека новите сведочења се своевиден пресврт. Еден од нив е и Александар Новаковски, бранител на еден од обинетите пратеници.
„Овој судски процес е голем предизвик за обвинителството, одбраната и судот. Доказите на обвинителството кои беа изведени во текот на овие месеци, понудија многу интересни моменти, но и одредени елементи кои уште повеќе го прават овој случај посебен. Досега многу неизвесно е дали со понудените докази може да опстане правната квалификација. Вчерашните случувања со голема веројатност може да претставуваат и пресврт во овој судски процес, и да отворат многу прашања кои дел од одбраната си ги поставуваше - зошто некои лица многу едноставно се изземени од овој процес, а процесот финишира. Се надевам дека ќе има уште изненадувања“, вели Новаковски.
Тивок и невидлив
Делчевецот Владимир Атанасовски (35) за првпат јавно е посочен од обвинети како извор на налозите за настаните на 27-ми април. Тој и Митко Чавков беа поставени на функциите во рамки на техничката влада што ги спроведе изборите на 11 декември, како кадри на ВМРО-ДПМНЕ. И двајцата беа посочени во извештајот на работната група на МВР како одговорни за ненавременото и непрофесионално дејствување за време на насилствата во Собранието. И додека Чавков е на листата обвинети, Атанасовски живееше во „заветрина“, многу слична како и додека беше на функција. Беше невидив, но и прилично непознат за јавноста. Неговата биографија беше сведена во неколку редови: веднаш по дипломирањето на Економскиот факултет во Скопје, во 2008 година бил вработен во Управата за спречување перење пари, а бил и советник во Одделението за меѓународна соработка. Во 2010 година бил назначен за директор во Управата за финансиско разузнавање, а за директор на УБК на 1-ви септември 2016 година. Јавноста и немаше да го види неговиот лик, ако не се случеа опструкциите што ѝ ги направи на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, ноќта меѓу 21 и 22 октомври 2016 година. Останаа запаметени нејзините повици пред капијата на МВР „отвори, отвори“, бидејќи и не ѝ дозволуваше да влезе во просториите на УБК, иако имаше судски налог, а Атанасовски претходно оттаму го избркал и истражителот на СЈО. Вечерта пред тв-камерите се правдаше дека увидот на СЈО би можел да ги запре тековните ПИ-мерки, бидејќи без асистенција на операторот било технички невозможно да се одвојат завршените од тековните посебни истражни мерки.
Повеќе:
Драмата продолжува: еден истражител на СЈО уапсен, а друг избркан од УБК
СЈО замина со недозавршена работа од УБК
И покрај опструкциите, Јанева успеа да влезе во УБК и да ги одземе сите наредби за Посебни истражни мерки за следење на комуникациите, книгите за евиденција, како и бараните компјутерски податоци од системот за следење на комуникациите. На 28-ми октомври 2016 година таму влезе и експерт од производителот на опремата за прислушување во УБК („Ериксон“), кој ги извлече податоците од помошните сервери кои се во сопственост на телекомуникациските оператори, а физички се наоѓаа во Управата. Еден месец подоцна, СЈО ја отвори истрагата „Таргет“ и откри дека прислушувањето продолжило и по објавувањето на „бомбите“.
Опструктор на истрагите
Атанасовски имаше одговорност и за попречување на обезбедување докази за судскиот процес против поранешниот шеф на Петтата управа во УБК, Горан Грујовски, за палење на списи и докази за прислушувањето. Тој со месеци одбиваше да ги прими барањата од СЈО за декласифицирање на податоци од УБК, кои можеа да се декласифицираат. То ја попречуваше и истрагата „Трезор“ преку одбивање да му даде податоци на СЈО, поради што, на барање на СЈО беше казнет од Основниот суд Скопје 1 со парична казна од 2.500 евра. Во неговиот мандат на другите функции, не излезе со ниту еден случај за перење пари, а сомнежите се насочени дека на функцијата бил именуван токму за да затскрива такви дела извршени од претставници на неговата партија.