1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УНХЦР: 30.000 нови бегалци дневно

Клаудија Вите/ А. Трајковска20 јуни 2014

Во целиот свет драматично расте бројот на бегалци, предупредува УНХЦР во својот нов извештај. Поголемиот дел од прогонетите ги прифаќаат земјите во развој. Ова треба да се смени, бара организацијата за бегалци на ОН.

https://p.dw.com/p/1CMiJ
Фотографија: Getty Images

Се работи за тажен рекорд: Денес има толку многу принудно прогонети лица, колку што немало по Втората светска војна. Ова го јавува Високиот комесаријат за бегалци на ОН - УНХЦР во актуелнот извештај. На крајот на 2013 година, според изветајот, 51 милион луѓе биле во бегство. Тие морале да ја напуштат татковината поради конфликти, прогонување, насилство и повреда на човековите права. Повеќе од 33 милиони се внатрешно раселени лица, додека речиси 17 милиони луѓе се бегалци во друга земја. Повеќе од еден милион луѓе во целиот свет поднесуваат барање за азил.

„Овде не се работи за тендеција на пораст, туку за вистински квантитативен скок“, рече Антонио Гутереш, високиот комесар за бегалци на ОН.

Нови кризни жаришта насекаде во светот

Повеќе години УНХЦР регистрираше релативно стабилен број на бегалци. Тоа пред сѐ беше поврзано со последиците од долгорочните конфликти. Бегалците претежно потекнуваа од земји како Сомалија, Авганистан и Демократска Република Конго. Но, во 2011 година почна војната во Сирија и оттогаш брзо расте бројот на бегалци. Во целиот свет се отвораат нови кризни жаришта, заклучува Гутереш. „Ваквото забрзување се должи на фактот, што непредвидливо се зголеми бројот на конфликти, додека старите конфликти не се завршени. Меѓународната заедница има многу ограничена способност да избегнува конфликти или навремено да ги реши“.

Antonio Guterres UNHCR 23.08.2013 in Genf
Антонио ГутерешФотографија: Reuters

Во 2013 година во бегство беа речиси единаесет милиони луѓе. Тоа во просек би значело околу 30.000 нови бегалци дневно. Пред две години оваа бројка изнесуваше 14.000 бегалци дневно. Изгледите за 2014 година се обесхрабрувачки: „Ние ги претставуваме статистиките за 2013 година, но ако се погледне што оттогаш се случи, се препознава дека работите се влошени“, вели Гутереш.

Хуманитарната помош не е доволна

Војната во Сирија и натаму трае, исто така и во Јужен Судан и Централноафриканската Република не е на повидок намалување на тензиите. Новиот развој во Ирак, со уште сега стотици илјади прогонети, не навестува ништо добро.

УНХЦР оценува дека минатата година беше една од најтешките во повеќе од 60 годишната историја. Соработниците на УНХЦР регистрираа бегалци, им ставаа на располагање привремени сместувалишта, делеа покривки, прехранбени производи и лекарства и преговараа со трети земји за сместување на особено загрозени лица. „Хуманитарната помош, заштитата за бегалците се дел од одговорот, но овој одговор секогаш ќе биде само за залекување на раните“, појаснува Фолкер Тирк, директор за меѓународна заштита на бегалците во УНХЦР. „Тоа значи итно ни се потребни политички иницијативи, за да бидат решени овие конфликти, како од главните одговорни во самите земји, но и од меѓународната заедница“.

Новата таковина Германија

За големите конфликтни жаришта засега не се навестува политичко решение. Истовремено милиони бегалци живат во мизерни околности. Главниот товар за нивното згрижување го носат соседните земји. Највисок број на бегалци во моментов има во Пакистан, Иран, Либан, Јордан и Турција. Во целиот свет 86 проценти од бегалците живеат во земјите во развој, нагласува УНХЦР и апелира до индустриските земји да покажат солидарност и да преземат дел од одговорноста.

Symbolbild syrische Asylbewerber in Deutschland
Беглаци во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Надежта е голема дека одлуката на Германија да прифати 10.000 нови сириски бегалци, ќе ја копираат и други земји. „Во целиот свет редовно посетувам луѓе кои се преселени“, вели високиот комесар за бегалци и дополнува: „Не можете да си претставите каква радост е тоа, да се дојде во Германија, Шведска, САД или Канада и да се сретне семејство кое порано живееше во бегалскиот камп Дадааб во Кенија, а денес живее нормален живот“.