Унгарска рака над Балканот
14 септември 2019Кариерата на Ласло Трочањи, кандидатот за еврокомесар за проширување и соседска политика, изгледа како идеална да води едно портфолио во новата Европска комисија. Пред сега 63-годишниот правник да ја почне политичката кариера како министер за правда во владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во 2014 година, тој беше член на Уставниот суд и член на Венецијанската комисија на Советот на Европа. Тој беше почитуван стручњак во академската заедница, љубезна личност чија специјалност е уставното и европското право. Зад себе имаше важно дипломатско искуство. Уште за време на првата влада на Орбан од 1998 до 2002 година беше именуван за амбасадор во Париз, а подоцна и во Брисел. Тој е исклучок меѓу унгарските политичари затоа што течно зборува англиски и француски. Има просперитетна адвокатска канцеларија во Будимпешта, која ја напушти поради неговите политички функции. Никогаш не беше член на партијата на Орбан, Фидес, иако на последните европски избори, беше на чело на партиската листа.
Трочањи беше дел од онаа кадровска резерва на Фидес, која чекаше повик од Орбан да се вклучи во високата политика и да служи со апсолутна лојалност. Таа лојалност како министер за правда пет години ја трансформира неговата академска кариера во слепа партиска послушност. Како министер за правда беше архитект на плановите за новиот систем на судови во Унгарија, кои треба да бидат под контрола на владата, во легалната забрана на невладините организации да им помагаат на мигрантите; бездомништвото законски го оквалификува како криминал, направи да биде исклучително тешко да се бараат податоци од владините институции за кои има јавен интерес и ја лансираше операцијата „Стоп Сорос“, која на крај доведе до протерување на угледниот Централноевропски универзитет од Будимпешта. Неговата работа беше причина Европската комисија да отвори легална постапка против владата на Орбан за кршење на европските законски норми за владеењето на правото, а Европскиот парламент да ја откочи најстрогата дисциплинска мерка, активирање на Членот 7 против една земја, каква што досега не се случила. Неговите закони за поткопување на владеењето на правото предизвикаа пролетоска Фидес да биде суспендирана од политичкото семејство на Европската народна партија (ЕПП), без да има назнака кога повторно би се вратила во старото друштво со сите прерогативи.
Парадоксален развој
Во еден парадоксален развој на ситуацијата истиот тој Ласло Трочањи, кој со своите закони ја предизвика острата реакција на Европската комисија, сега треба да биде дел од истата таа комисија. Ако помине на сослушувањето во Европскиот парламент. Човекот што го поткопа владеењето на правото во неговата земја, сега треба да бара од кандидатите за членство во ЕУ исполнување на Копенхашките критериуми и усвојување на законска рамка за судовите и слободата на говорот. На ужас на голем дел од европските пратеници и особено на експертите кои го следат развојот на настаните во Западен Балкан. Неговата номинација беше пречекена со еуфорија во Будимпешта и со јасно задоволство во националистичките кругови во регионов, особено во Србија и Македонија.
Факт е дека Унгарија со години е еден од најгласните поддржувачи на проширувањето на ЕУ кон регионов. Унгарија беше еден најважните адвокати на членството на Хрватска во 2013 година. На прв поглед изгледа дека доделувањето на портфолиото за проширување на унгарски комесар е одлично за регионот. „Интеграцијата на Западен Балкан е еден од клучните приоритети на унгарската влада. Ние веруваме дека проширувањето ќе го донесе вистинското обединување на Европа“, објави Будимпешта во соопштение по номинацијата на Трочањи. За да заклучи дека новата Европска комисија ќе отвори нова ера во миграциската политика на ЕУ. „Унгарскиот народ е јасен во запирањето на миграцијата, заштитата на Европа на нации и нашата христијанска кулура“, се вели во соопштението. Европските комесари не ги претставуваат своите влади, но сепак имаат неформална улога како повратен канал кон престолнините и промоција на националните ставови и економски политики во Брисел. Трочањи, ако биде избран, не ќе може да се ослободи лесно од притисокот од Будимпешта во заштитата на „христијанската култура“ и тврдиот став кон миграцијата.
Унгарија го бараше овој ресор и во претходниот состав на комисијата, но тогаш Тибор Наврачич, министер со долг стаж и ветеран во партиските редови на Фидес, го доби портфолиото за млади и спорт, на големо разочарување на Орбан. Згора на тоа, Наврачич, како човек со умерен политички јазик, некогаш директно, некогаш индиректно изјавуваше дека тој е обврзан кон институциите на ЕУ и мора да ги извршува задачите што му ги дава Европската комисија, а не налозите од земјата од каде што доаѓа. Орбан сега верува дека Трочањи ќе му биде многу полојален. Ресорот за проширување е еден од највидливите во ЕУ, иако има многу поважни од него во работата на Европската комисија. Оваа номинација Орбан ја слави како голема дипломатска победа, па дури и триумф над ЕУ. Со портфолиото во рацете на човекот кој пет години беше негов главен извршител тој сака да го стави под своја сенка целиот регион јужно од Будимпешта. Орбан има многу блиски врски со Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, а да не зборуваме за Никола Груевски, кого дипломатско-разузнавачката заедница во Унгарија го извлече од Скопје пред да биде однесен во затвор и преку три земји го префрли во Будимпешта. Ласло Трочањи беше министер за правда кога на Груевски му беше одобрен азил по брза постапка и речиси една година таму е третиран како политичар од извонредно значење, додека во Македонија се бара да ја одлежи казната за направениот криминал. Делегациите на ВМРО-ДПМНЕ често одат во Будимпешта како на своевиден аџилак во центарот на илибералната демократија (како што тоа беше неодамна на највисоко ниво) и врските со Орбан секогаш ги фалат како едно од нивните најголеми достигнување во партиската соработка.
Амбициите на Орбан
Орбан често повторува дека Србија и Црна Гора треба да влезат во ЕУ на брза лента и без да бидат исполните сите точки од поглавјата во преговорите. Нивното членство на Орбан ќе му даде поголема специфична тежина – како политичар кој го надгледува целиот регион (тој тоа го прави и со опскурните инвестиции во медиумите) и ќе го зголеми своето влијание во рамките на Вишеградската група, каде се уште Полска, Словачка и Чешка.
Клучното прашање е дали Трочањи ќе бара од кандидатите за членство во ЕУ воспоставување на целосна демократска мрежа и владеењето на правото (како што тоа постојано го повторуваше сегашниот комесар за проширување Јоханес Хан) или поради интересите на Будимпешта ќе замижува кон очигледниот правен дефицит во регионов.
Кога го претставуваше составот за новата Европска комисија во вторникотУрсула фон дер Лајен изјави дека „Западен Балкан е многу важен“ и таа сака земјите од регионот да бидат „што е можно поблиску до Европската Унија“. Таа нагласи дека интеграцијата на Западен Балкан ќе биде една од фокусните точки на комисијата, но немаше некои цврсти заложби за членство. Дури и Трочањи, споделувајќи ја својата радост на Твитер што го добил портфолиото за проширување напиша дека „се радувам да работам со Европскиот парламент и Жозеп Борел (наследникот на Федерика Могерини, н.з.) за работа во партнерство за банефитот на нашето соседство“. Ни збор за проширувањето.
Прашање е со какво лице и порака ќе доаѓа Трочањи во престолнините на земјите кандидати да го бара она што го поткопа неговата влада додека тој беше министер. Многумина во Брисел велат дека со вакво владеење на правото Унгарија сега не би можела да стане членка на ЕУ. Фон Дер Лајен во писмото до Трочањи му ја објасни неговата „мисија“ и на што треба да се фокусира: „... на владеењето на правото, борбата против корупцијата и улогата на независните медиуми и граѓанското општество“ – сето она против кое тој се бореше како министер за правда. Ако се гледа неговото досие тој е целосно несоодветен за функцијата што треба да ја извршува. Но Урсула фон дер Лајен веројатно имаше други мисли на ум кога му го додели ова портфолио на извршителот на Орбан. Таа беше избрана за претседател на Европската комисија со исклучително тесно мнoзинство и за да го обезбеди изборот на целиот колеџ на комесари требаше да се умилкува. На Орбан му го даде тоа што ужасно многу го сакаше (иако е суспендиран член од нејзината политичка групација), а на популистичката влада во Полска она по што таму копнееја – ресорот за земјоделство. Партијата на Јарослав Качињски не е дел од ЕПП, но гласовите на нејзините европратеници може да се покажат како клучни во одобрувањето на Европската комисија.
Други колумни од авторот:
Многумина во Европа реагираа дека номинацијата на Ласло Трочањи ќе биде мечкина услуга за регионот, затоа што не доаѓа од земја која има голема демократска тежина во ЕУ и за него ќе биде многу тешко да ја протурка агендата за проширување ако за тоа не го подметне грбот Шпанецот Жозеп Борел, новиот шеф на европската дипломатија. Извонредниот познавач на Балканот, професорот Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац, вели дека штетата е веќе направена и дека номинацијата на Трочањи значи дека „Лајен не е сериозна околу проширувањето“. И дека неговата номинација ќе им даде гориво на сомневањата во Франција и Холандија за можните ризици од проширувањето кога ќе погледнат на што личи сега Унгарија. „Во очите на скептиците Трочањи ќе го брани проширувањето само неговата земја во ЕУ да биде во друштво со што повеќе автократи“.
Бибер за виенски „Стандард“ изјави дека ова значи оти „Унгарија им прави лоша услуга на земјите од Западен Балкан. Дури и Трочањи да не добие конфирмација, неговото номинирање е фатално и Фон Дер Лајен ќе направи поголема штета за проширувањето отколку претходниот претседател на комисијата Жан-Клод Јункер, кој изјави дека за време на неговиот мандат ЕУ нема да се шири“.
Гнев во Европскиот парламент
По објавата за Ласло Трочањи имаше море од реакции меѓу европратениците, особено на оние од либералните и левичарските партии, кои, исто така, се дел од новата Европска комисија. Изјавата на холандската европратеничка Софи ин ‘т Велд може да ги сублимира сите тие реакции: „Номинацијата е провокација и лицемерие. Како ние да му дадеме функција на некој кој не ги почитува и не ги препознава европските договори“. Речиси сите партии со либерална или централнолева ориентација од Источна Европа најавуваат дека ќе гласаат против номинацијата на Ласло Трочањи.
Него очигледно ќе го чека тешко сослушување во парламентот. Според процедурата, која треба да започне на 30 септември и треба да трае до 23 октомври, пратениците можат да им испратат писмени прашања на номинираните кандидати, а потоа да се соочат со нив лично. За веднаш да помине некој кандидат треба да добие двотретинско мнозинство од највлијателните пратеници – политичките групи кои се нарекуваат координатори во секој комитет. Ако го нема тоа мнозинство номинираните комесари ќе мора да одговараат на дополнителни прашања на пратениците и ако повторно нема двотретинско мнозинство гласањето оди пред целиот состав на комитетот каде што ќе биде потребно просто мнозинство. По ова сослушување на сите кандидати целиот состав на Европската комисија оди на гласање на пленарна седница на Европскиот парламент.
Уште сега се зборува дека шансите да не помине номинацијата на Ласло Трочањи се многу големи (вообичаено, по еден до тројца од номинираните кандидати не го поминуваат филтерот во комитетите) и тогаш Унгарија ќе треба да понуди нов кандидат. Или Фон Дер Лајен да направи ротација на некои од ресорите. Во таа ситуација Виктор Орбан ќе се претстави како уште поголем победник – неговата влада наспроти сите во Европа и ќе може да извлече нови поени дома за неговото „херојство“.
Во двата случаи земјите од Западен Балкан, меѓу нив и Македонија, ќе загубат најмногу. Тие и сега на некој начин се жртви на играта на бројките во раздробениот Европски парламент. И со малата специфична тежина на Ласло Трочањи тие губат (и покрај сета усна поддршка од Будимпешта за проширувањето), а ќе изгубат и ако за проширувањето се бара комесар кој ќе добие согласност, но нема да има сила во Брисел за агендата што е негова работа.