1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Ули Хенес, детето со среќна ѕвезда и погрешен крај

Тобијас Оелмајер
15 ноември 2019

Ули Хенес остави свој печат на ФК Бајерн и на германскиот фудбал како никој друг. Сепак, неговото откажување од реизбор за претседател на клубот е задоцнето, коментира Тобијас Оелмајер.

https://p.dw.com/p/3T6tB
Uli Hoeness
Фотографија: Getty Images/Bongarts/A. Hassenstein

Претседател на одделение, претседател на училишниот совет, со 18 години во големиот клуб Бајерн и титула германски првак, титула европски првак на 20 години, светски првак на 22. Ули Хенес своевремено беше нарекуван „дете со среќна ѕвезда“. Денес би се рекло „сѐ по сопствена заслуга”. Миленик на медиумите, идол на фановите, притоа со совршен семеен живот со сопругата Зузи и двете деца. Онолку брзо колку што трчаше 100 метри, имено за 11 секунди, толку брз беше и неговиот подем. Дури и кога тешката повреда на коленото го примора да ја заврши кариерата, тоа не го извади од колосек. Хенес од ситуацијата го извлече најдоброто и со 27 години стана менаџер на, во тоа време, финансиски порозниот ФК Бајерн. Тој секогаш гледаше само напред.

Со него клубот брзо почна да ниже успеси, спортски и економски. Ниту авионската несреќа во 1982 година, од која излезе како единствен преживеан, не го спречи во подемот, напротив, се чинеше дека му даде уште поголем поттик. Со целосен ангажман од ФК Бајерн направи еден од најуспешните и најбогатите клубови на светот.

Одделот за напад

Како и американскиот претседател Доналд Трамп со неговата парола „Америка на прво место“, Хенес до денес живееше според максимата „Сѐ за ФК Бајерн“. Едноставно ги „расчистуваше“ сите кои нему или на клубот ќе му се попречеа на патот, ќе критикуваа или ќе станеа спортска закана. Тоа го правеше со зборови, дела или со пари. Ако некој од конкуренцијата почнеше да ја загрозува лидерската позиција на клубот, едноставно ќе му ги купеше неговите најдобри играчи. Ако некој новинар упорно прашуваше за некоја тема, или ќе го изолираше, или ќе го заплашеше. Хенес пред својот тим застануваше како да е од „одделот за напади“ - и со тоа, особено во кризни времиња, вешто го одвлекуваше вниманието и го насочуваше врз себе. Целта секогаш била јасна - клубот да се направи уште поголем, посјаен, поуспешен. За тоа ретко избирал средства.

Хенес поларизираше, некогаш и денес. Неговиот успех кај многумина предизвикуваше завист. Неговите методи кај некои го направија омразен. И сепак, во разговор во четири очи, отпосле, повеќето од неговите конкуренти имаат само пофални зборови за Ули Хенес како менаџер. Како бизнисмен секогаш се однесувал коректно, се вели. Во таквите зборови се чувствува и доза благодарност. Факт е дека Бундеслигата без него сѐ уште би била „заспана убавица”. ТВ-договори, изградба на стадиони, маркетинг, спонзорства, Хенес разгазуваше нови патишта, секогаш ја гледаше големата слика и со своите визии и одлуки најчесто беше во право. И подоцна, како претседател, остана силата на клубот што се бори за светскиот бренд ФК Бајерн.

Oelmaier Tobias Kommentarbild App
Тобијас Оелмајер, автор на коментарот

Удар за кариерата заради даночната афера

Само да не беше деликтот со даноците. Во 2013 беше обелоденето дека со разни девизни бизниси со ризични финансиски трансакции Хенес прикрил од даночните власти добивка во двоцифрен милионски износ, поради што беше осуден на затворска казна од три и пол години. Среќата го напушти. Половината од казната мораше да ја одлежи, за остатокот беше пуштен на условно. Тој призна дека направил грешка, но не делуваше сосема освестен. Изгледа дека Хенес низ годините изгубил допир со реалноста. Успехот, пофалбите и признанијата, сето тоа како да му ја одзело способноста за критика на своја сметка. Можеби дури и способноста да прими критика од друг.

„Ова не е крајот“, рече Хенес при неговото повлекување од позицијата претседател на ФК Бајерн во мај 2014. Восхитен од поддршката на членовите на Бајерн пред издржувањето на затворската казна, тој си зацрта што е можно побрзо да се врати во клубот. И навистина, не траеше повеќе од 9 месеци пред да биде реизбран за претседател со 98,5 проценти од гласовите на членството. Фановите и натаму беа со него, симболот на подемот на клубот.

Но, отпосле се покажа дека тоа беше - по даночното прикривање - втората голема грешка во животот на Ули Хенес. Карл-Хајнц Румениге како претседател на Управниот одбор веќе беше навикнал да носи одлуки. Од некогашната хармонија меѓу двајцата не беше останало многу. Пресвртот во клубот беше закочен. Не можеше да се држи чекор со тројниот успех од 2013, иако ФК Бајерн и натаму доминираше во Бундеслигата. Не можеа да се пофалат ни со свои фудбалски ѕвезди. Персоналните одлуки беа мизерни. По прославениот и, сепак, спорен тренер Пеп Гвардиола, следеа несреќните Карло Анчелоти и Нико Ковач, а меѓу нив веќе остарениот пријател на Хенес, Јуп Хајнкес, кој мораше да се справува со жешките проблеми. Квалитетите на Хасан Салихамиџиќ како спортски директор изгледа може да се оценуваат само зад затворени врати, бидејќи во јавноста во неговите две години на функцијата се прослави само со празни зборови.

Срамни настапи

Хенес постојано се презентира во јавноста, најчесто на сосема погрешен начин. Некогаш ги напаѓа медиумите за критиката на раководството на клубот, во друга прилика се бламира на прес-конференција, на која бара почитување на човековото достоинство кое само неколку реченици подоцна самиот го гази. Се лути за член на клубот кој се осмелил јавно да го нападне, или пак се обидува да го стави селекторот под притисок со закана за бојкот заради тоа што, според сопствени видувања, не успеал да му даде доволно поддршка на голманот Мануел Нојер. Постапки од кои се срамат дури и оние кои со години навиваат за клубот.

Со сета должна почит за заслугите за ФК Бајерн и германскиот фудбал, времињата се сменија, но не и Ули Хенес. Денес се фали со тоа дека не користи интернет и дека не пишал еден единствен мејл во животот. Од некогашниот визионер стана човек кој мисли дека може да напредува со веќе докажаните средства, патријарх од старата школа. Ули Хенес по издржувањето на затворската казна требаше да се повлече од јавноста. Неговото его не го дозволи тоа. Можеби сега, за време на неговиот последен мандат како претседател на клубот, и самиот го забележал тоа и затоа не се кандидираше повторно. Но, кое дете со среќна ѕвезда воопшто успеало да го препознае вистинскиот момент за да се повлече?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема