1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинската армија го стега обрачот околу Доњецк

БГ/ап19 август 2014

Жестоки улични борби се водат меѓу украинските безбедносни сили и проруските бунтовници во Луганск и во околината на Доњецк. Претседателите Порошенко и Путин ќе се сретнат на 26. овој месец во Минск.

https://p.dw.com/p/1Cx5Q
Фотографија: D.Dilkoff/AFP/Getty Images

Украинската армија го зазеде поголемиот дел од градот Иловајска кај Доњецк, со што го стегна обрачот околу клучното упориште на проруските бунтовници на истокот на Украина. Жестоки судири се одвиваат и на улиците на Луганск, вториот голем град во регионот, кој е под контрола на бунтовниците.

Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков соопшти дека во борбите загинал еден војник, а четворица биле ранети.

Украинската армија во последните две недели сите напори ги концентрира околу овие два града, кои се сметаат за клучни во операциите против бунтовниците. Според проценките на ОН, поради борбите околу 344 илјади луѓе досега ги напуштиле своите домови во источна Украина, а состојбата и натаму се влошува. Особено е критично во Луганск, каде локалното население веќе 17 дена е без струја, вода и комуникација со надворешниот свет.

Кабинетите на украинскиот и на рускиот претседател, Петро Порошенко и Владимир Путин во меѓувреме потврдија дека двајцата лидери ќе учествуваат и ќе остварат средба на самитот во Минск на 26 овој месец. Порошенко потврди дека стабилизирањето на состојбата на истокот на Украина ќе биде главна тема на состанокот на кој ќе присуствуваат и првите луѓе на Белорусија, Казахстан и претставници на Европската комисија.