1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина ги запрела Русите на граница

ЖА/дпа/афп/ртре9 август 2014

Западот одамна стравува од таква можност, а сега Украина тврди дека руската војска се обидела да ја премине меѓусебната граница под изговор дека носи хуманитарна помош. САД предупредуваат од можна руска „инвазија“.

https://p.dw.com/p/1Crr1
Фотографија: AFP/Getty Images

Украина ја обвини Русија за извршување сериозна гранична провокација на меѓусебната граница. Голема колона армиски возила (фотографијата е архивска) речиси продрела на украинска територија пред да биде запрена.

„Огромен конвој се движеше кон украинската граница во придружба на руски војници и воена опрема“, изјави Валериј Чалиј, заменик шеф на Кабинетот на претседателот во интервју за Украинската телевизија.

„Наводно, во договор со Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Украина, хуманитарен конвој од ’мировници’ требаше да влезе во државата очигледно за да предизвика сеопшт судир“, тврди Чалиј.

Тој нагласи дека обидот бил спречен по дипломатски канали, без да соопшти повеќе детали. Чалиј додаде дека Црвениот крст демантирал информација дека Русија со организацијата се договорила за испраќање хуманитарен конвој.

Поради „руската агресија“, украинскиот претседател Петро Порошенко свикал итна седница на военото раководство на земјата. Но, Чалиј смета дека опансоста засега е отстранета, иако со денови се пука од руска територијакон Украина.

Konvoi russischer Lastkraftwagen mit Hilfsgütern
Руски конвој со хуманитарна помош (архивска снимка)Фотографија: AFP/Getty Images

„Ние нема да дозволиме да бидеме провоцирани“, истакнува тој.

Русија пак, тврди дека врз нејзината државна територија се врши стрелба од страна на соседната Украина.

Американската амбасадорка во ОН Саманта Пауер вчера категорично го одбила предлогот на Русија за испраќање конвој со хуманитарна помош за луѓето во Источна Украина. Едностраана акција на Русија на украинска тероторија и под „изговор за хуманитарна помош, би бил целосно неприфатлив и алармантен“, изјави Пауер, Ваквиот чекор би бил третиран како „инвазија врз Украина“.

Борбите продолжуваат

Во меѓувреме, во Источна Украина, во Доњецк и во Луганск, продолжуваат борбите меѓу владините трупи и сепаратистите со несмалена жестина. Во источноукраинскиот град Доњецк од рано утрото е регистриран оган од артилерија и од автоматско оружје, а градот во текот на ноќта беше под артилериски напади, соопштено е на сајтот на Градското собрание. Според Глас на Русија, гранатирање од тешка артилерија почнало во пет часот утрово по локално време. Владините војници со недели се обидуваат да ги освојат повторно двата големи града кои се под контрола на проруските сепаратисти. Ноќеска, како што призна нејзин претставник, украинската војска претрпела загуби откако нејзините единици биле нападнати од противниците.