1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украина: повеќе предвремено родени бебиња во војната

Јан-Филип Шолц
14 мај 2022

Од почетокот на војната, луѓето во Украина се изложени на екстремен стрес. Кај бремените жени тоа често доведува до медицински компликации. Јан Филип Шолц посети родилиште во Л‘вов.

https://p.dw.com/p/4BG8v
Ukraine In der Ukraine hat die  Zahl der Frühgeburten seit Kriegsbeginn stark zugenommen
Фотографија: T. Kiptenko/J.P. Scholz/DW

На Алијона Хвириленко во моментов ѝ е тешко да ги оддели радоста и тагата. Пред неколку недели 28-годишната жена на светот донесе ќерка. Дарина мирно спие во мало креветче покрај мајка си. Таа пак не може да сфати како животот за само неколку недели ѝ се променил од корен. Алијона била веќе во одмината бременост и на породилно отсуство кога руската армија на 24 февруари ја нападна Украина. „Одеднаш се вклучија сирените и ги чувме првите експлозии”, се потсетува младата мајка која тогаш уште живеела со сопругот во главниот град. „Толку беше страшно, бидејќи воопшто не ни беше јасно што се случува. На телевизија немаше информации.” 

Бремена во бегство

Алијона и сопругот гледале како сѐ поголем број соседи ги пакуваат куферите и заминуваат со автомобилите. Попладнето и тие се одлучиле да го напуштат градот. „Немавме уште ништо набавено за бебето, ни креветче, ни масичка за повивање, ништо. Просто како длабоко во себе да претчувствувавме нешто", вели Алијона. По долга одисеја парот конечно стасал до Л’вов на западот на Украина каде се сместиле кај свои роднини. И тука речиси катадневно се слушаат сирени, но градот и натаму важи за релативно безбеден. Фронтот и окупираните територии се стотици километри подалеку. За Алијона бегството во одмината бременост значело и откажување од породувањето во познато опкружување и поддршка од семејството. Во Л’вов на интернет пребарувала кому може да му се обрати во нејзината состојба и притоа налетала на родилиштето во регионалната болница во центарот на градот. „Уште на првата контрола утврдија дека ќерката бавно напредува”, раскажува таа и вели дека не била многу изненадена, бидејќи со почетокот на војната западнала во депресија и со недели не можела да јаде речиси ништо. 

Ukraine In der Ukraine hat die  Zahl der Frühgeburten seit Kriegsbeginn stark zugenommen
Алијона Хвириленко: радост и тага поради бебето Фотографија: T. Kiptenko/J.P. Scholz/DW

Недоволен број инкубатори од витално значење

Алијона Хвириленко и сопругот имале среќа: ќерка им Дарина се родила здрава и во терминот. Од почетокот на војната медицинските компликации кај бремените драматично се зачестени. Пред сѐ има пораст во бројот на предвремено родени бебиња. Во градови кои се особено мета на напади, здравствените експерти велат дека е тројно поголем бројот. Во Харков на североистокот, според локалните доктори, во првите недели по почетокот на војната секое второ пораѓање било предвремено. Тоа во бројни болници довело дотаму за предвремено родените да нема инкубатори кои се од витално значење.

Киев: Породување во подрум

И во родилиштето во Л’вов е зголемен бројот на предвремено родени бебиња, особено од мајки кои долго биле во бегство од војната. Неколку соби подалеку од Алијона лежи Галина Голец. Нејзиниот син Микајло е повеќе од еден месец предвреме роден. „Мора и натаму вештачки да го прехрануваат, нема сила за да јаде од шише”, вели Галина. „Но, може самостојно да дише и мислам дека постепено станува посилен”, вели мајката. Во Л’вов барем се чувствуваат релативно безбедни, вели таа. Нејзиниот роден град се наоѓа на југот на земјата каде се водат жестоки битки, на само неколку часа возење од речиси целосно урнисаниот град  Мариупол.  Тука во првите недели од војната при бомбардирањето на едно родилиште загинале повеќе лица. „Стресот кој го доживеавме во изминатите недели е незамислив", се жали Галина. „А, бев и двапати инфицирана со коронавирусот."

Ukraine In der Ukraine hat die  Zahl der Frühgeburten seit Kriegsbeginn stark zugenommen
Гинекологот Марија МалахинскаФотографија: T. Kiptenko/J.P. Scholz/DW

Стресот секогаш има негативно влијание врз трудниците"

Токму тоа се типичните фактори кои доведуваат до пораст на бројот на предвремено родени бебиња, вели гинекологот Марија Малахинска. Директорката на родилиштето во Л’вов од почетокот на војната забележало преку 200 породувања на нивната клиника, повеќе од било кога. „Секоја форма на стрес има негативно влијание на една бременост”, вели докторката. „Актуелната ситуација, војната, секако дека се огромен стрес. Почетокот на војната беше огромен шок, дополнително на тоа и неизвесноста за иднината." Поради тешките услови при бегство и тесниот простор  во бункерите, расте и ризикот од инфекции.  Покрај медицинската, на многу мајки им е потребна и психолошка грижа. Директорката вели дека се обидува пациентките да ги заштити од негативни влијанија и ги советува што е можно помалку да ги следат во медиумите актуелните случувања. Секако дека тоа многу често не е изводливо, бидејќи многумина сакаат да знаат што се случува со нивните блиски.

Во клиниката во Л’вов засега барем има доволно медицински апарати, благодарение на тоа што навремено побарале поддршка и од странство, вели докторката Малахинска. Пред само неколку дена стасале три нови инкубатори. „Но во актуелните околности не можеме ништо да претскажеме, мора и натаму да бидеме спремни на сѐ," заклучува таа. 

И младите мајки не знаат како ќе изгледа секојдневието со бебињата откако ќе ја напуштат болницата. „Нема да може брзо да се вратиме во нашите домови”, вели Галина. „Тоа е сѐ што во моментов може да кажам за нашата иднина”.