УКИМ веднаш да реагира против тепањето студенти!
1 јули 2016Околу три часот утрово, по жестока полициска интервенција, заврши протестот на Студентскиот пленум пред просториите на Студентскиот парламент (СПУКМ), организиран поради нерегуларности на вчерашните избори за претседател на оваа студентска организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во текот на ноќта припадници на полициската Единица за брзо распоредување (ЕБР) насилно со туркање и влечење ги исфрлија пленумците од просториите пред СПУКМ, иако тие не предизвикуваа никакви инциденти.
„Срамота“ „Кој ви дава наредба?“, „Стоп за полициска бруталност“, „Овие крадци ли ги браните?“, извикуваа пленумците, кои дотогаш седеа на подот во една од просториите и мирно го блокираа влезот на Студентскиот парламент, во обид да го спречат броењето на гласовите од кутиите кои претходно насилно беа изнесени од Правниот факултет.
„Бараме Универзитетот веднаш да реагира против тепањето на студенти, да не ги признае изборите и да побара истрага за случувањата на УКИМ. Во спротивно, ќе ја опструираме работата на СПУКМ и нема да ги признаваме одлуките на органите на УКИМ“, изјави утрово Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум.
Полицијата вчера не покажа разбирање за мирниот протест на Студентскиот пленум. Полициските активности покажаа дека тие се всушност дојдени да му обезбедат заштита на претседателот на СПУКМ со истечен мандат, Кирил Спировски и на групата околу него. Во еден момент припадниците на ЕБР се обидоа и да го извлечат Спировски од задниот влез на студентскиот дом „Кузман Јосифовски - Питу“, но кога тоа не им успеа, го придружуваа додека повторно не се врати во зградата.
Остри критики за полицијата
Сликата на бројно полициско присуство под полна опрема, полициски возила меѓу кои и борна кола со поставено автоматско оружје, ги вжешти прашањата во домашната јавност: „Борна кола на студентски избори?“ „За ова ли служи полицијата?“
Професорката Мирјана Најчевска на нејзинот Фејсбук профил напиша: „Тоа што некој ќе облече униформа не го прави полицаец. Ваква злоупотреба на Министерството за внатрешни работи немало во Македонија уште од нејзиното воспоставување како држава во минатиот век. Чавков мора да биде не само повикан на одговорност, туку и итно отстранет од функцијата на која е поставен спротивно на Уставот. (...) Мора да биде тргнат. Не од министерската позиција, туку од министерството воопшто и мора да му биде ограничено делувањето. Тоа е прв чекор во воспоставувањето на правото“.
Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет ја изрази загриженоста од порастот на полициската бруталност.
„Пред наши очи применија сила врз студентите! Ги влечеа по земја да ги изнесат од просторијата, а нас не буткаа со штитовите! Применија сила врз млади луѓе што ја бараа правдата! Полициската бруталност продолжува со уште поголем замав! Ова вечерва беше доказ дека режимот решил да удира уште посилно и посурово!“
Многу нерегуларности
Пленумците на Спировски синоќа му поставија ултиматум - да ги поништи изборите, а тој одговори со соопштение во кое оцени дека „победила демократијата“.
„СПУКМ изразува жалење за обидот на Студентскиот пленум да го наруши гласањето за избор на нов студентски лидер, со што уште еднаш покажа дека е политички мотивиран и не работи за студентите и студентското достоинство. Денес и покрај сите подметнувања, притисоци и опструкции на изборите од страна на Студентскиот пленум, победи демократијата и победија студентите со што покажаа дека нема потклекнување на студентското движење на разно-разни политички иницијативи и обиди за политизација на студентското движење“, соопшти СПУКМ.
На тврдењата дека се украдени три гласачки кутии, од СПУКМ одговорија дека „поради безбедност и закани за одзeмање и кршење од страна на вжештената група од десетици членови на Студентскиот пленум, кутиите се наоѓаат на кампусот на Медицинските Факултети, од каде што со полициска асистенција ќе бидат пренесени до седиштето на СПУКМ“.
Според Студентскиот пленум, изборите се одвивале во целосно нерегуларни услови - од недостиг на параван за анонимно гласање, преку печат на кој пишува 2015, па до изборни ливчиња без сериски броеви. Било забележано и дека на гласање организирано се носат младински партиски активисти кои не се студенти, а меѓу нив дури и средношколци. Тензијата настана кога во 16 часот гласачките места се затворија, а на Правниот факултет се појави група лица, кои ги одзедоа кутиите, со намера да ги однесат во канцелариите на СПУКМ. Дел од нив беа идентификувани како вработени во државна и јавна администрација, дел како членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Како што велат од Пленумот, според статутот, гласачките кутии треба да се отвораат на факултетите и гласовите да бидат јавно пребројувани.
„Наместо тоа, можевме да видиме како некои лица насилно ги одземаат гласачките кутии и трчаат со нив кон возила со регистерски таблички на градови од внатрешноста, обезбедувани од 'снагатори' со бричени глави, куси вратови и златни синџири... Ништо не наликуваше на чесни, регуларни и достоинствени избори. Напротив, бевме соочени со методи налик на оние што ги користат мафијашки структури. Нас таков СПУКМ не ни треба, и ние такви избори нема да дозволиме, ниту да ги признаеме“, вели студент од Правниот факултет.
Давор Поповски - нов претседател
Но, за СПУКМ нема ништо спорно во вчерашните избори. Од таму утрово соопштија дека по вчерашните избори, со 3.851 освоен глас нов претседател на Студентскиот парламент на УКИМ е Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ). Гласале вкупно 5.264 студенти, а неговиот противкандидат Стефан Василевски од Медицинскиот факултет освоил 1.275 гласови.
Во соопштението на Студентскиот парламент се вели дека „изборниот процес се одвивал во фер и демократска атмосфера, каде што студентите имале можностда го дадат својот глас и достојно да го изберат својот нов лидер“.