Убиство со визија: Скопје меѓу елаборати и дислексија
21 јуни 2021Деновиве, додека сме загрижени од опасноста дека на макро план ќе ни остане блокирана иднината (европската перспектива), во исто време многу лесно замижуваме пред она што самите си го правиме на микро план - конкретно во сферата на уредувањето и хуманизацијата на просторот во кој живееме.
Во секој дел од Скопје хаотичната градежна експанзија резултираше со сѐ помалку зеленило, сѐ повеќе асфалт и со брзо растечката бетонска џунгла која го запира провевот, па во зима градот се гуши во магла и смог, а во лето се повеќе се бара катче кајшто пирка ветер – најчесто на кејот на Вардар. Но, и на таа можност сега и се наѕира крајот, барем во централниот дел на градот, спроти „Холидеј ин“.
Голем дел од архитектите и урбанистите кои до вчера ја критикуваа хаотичната градежна експанзија олицетворена преку „Скопје 2014“, денес како да заборавија на стандардите на професијата на кои тогаш се повикуваа. Зошто? Ако „Скопје 2014" беше одраз на урбанистичко и архитектонско самоволие со цел да се инсталира историско идеолошки наратив на кој претходната власт ги градеше нејзините политики, зошто дезидеологизираните градби (станбено- деловни згради, трговски центар) би требало да бидат поприфатливи, доколку на крајот резултатот повторно е ист: се узурпира последниот слободен простор во центарот на градот.
Тоа што треба да никнат згради без античка или каква и да е историско-идеолошка подлошка, не е оправдување за трошење на земјиштето кое е необновлив ресурс. Бидејќи кога еднаш ќе го затворите тој простор со градби, враќање назад нема.
Но, на тоа не се мислело уште кога државното земјиште на овој простор беше продадено по 312 евра за квадратен метар. Па кога ќе разговараме за тоа кој ја „промашил темата", оваа квалификација најмалку треба да и се припише на Комисијата назначана од Општина Центар, која до Министерството за транспорт и врски поднесе елаборати за суспензија на применувањето на детални урбанистички планови.
Од стручната комисија при Министерството, таа доби забелешка дека користи погрешен правен основ, затоа што се повикува на членот 35 од Законот за урбанистичко планирање, за постапка што е уредена во членот 23.
Увидот во елаборатите покажува дека Комисијата се повикува на член 35, но во согласност со член 23 од Законот за урбанистичко планирање. И нормално е да се повика и на членот 35, бидејќи во него е регулирано дека „детален урбанистички план или дел од детален урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од генерален урбанистички план не може да се применува“.
На комисијата од Центари забележаа дека во елаборатите посочила на неусогласености помеѓу деталните урбанистички планови и ГУП, дека неусогласеноста може да биде само еден од наведените основи за штета на јавниот интерес, но дека не биле прикажани конкретни податоци кои укажуваат на штетноста од применувањето на планот.
Во случајов, прашање е дали и како се сакало да се читаат елаборатите. Дали Комисијата што ги изработила елаборатите морала буквално да го спомне зборот „штета“ или е доволно што ги навела параметрите кои укажуваат на неа. На пример, илустрација за тоа каква штета би настанала од примена на планот спроти „Холидеј ин“ (ДУП Ц 08), е податокот дека сообраќајната и комунална инфраструктура која е планирана да опслужи 1.250 жители ќе треба да опслужува 15.000 жители.
Како бил прочитан овој податок од стручната Комисија при Министерството - како корист?
Професорот Грчев, член на стручната комисија при Министерството за транспорт и врски, вели дека треба да се таргетира само конкретната причина за штетата, а не смее да земаат цели четврти „во заложништво". Го спореди тоа со случај кога на едно лице му е одреден домашен притвор, а заради него цела зграда треба да биде принудена да не смее да излезе. Формално е во право, фактички не.
Ако Комисијата на Центар се посветила на цели плански опфати токму поради докажана интегрална неусогласеност со планот од повисоко ниво, тогаш јасно е дека состојбата не може да се сведе само на поединечни инциденти. Бидејќи инцидентите станале правило. Ако се замижи пред таквата неусогласеност на деталните со генералниот урбанистички план, утре не ќе можеме да зборуваме дека заради еден во „притвор“ била засегната цела зграда, бидејќи суштински е засегнат целиот град. Ама не поради широкиот опфат во елаборатите за суспензија, туку поради тоа што со овозможувањето разни преседани од хартија да заживеаат во реалноста, со дозвола и со умисла целосно ќе биде уништен просторот во кој живееме.
Девастации на јавниот простор се случуваат на места каде што или нема визија, или нема струка, или нема волја. Чест на исклучоците, но кај нас изгледа нема ни струка, ни волја. Има само визија, но не по мерка на градот и граѓанинот, туку по мерка на профитот. Ако не е така, нека повелат да нѐ убедат во спротивното. Денес, зашто утре веќе ќе биде доцна.