Убиени странски алпинисти во Пакистан
23 јуни 2013Инцидентот се случил во област во која претходно немало насилство, ниту била поврзувана со исламски милитанти. Властите потврдија дека се убиени пет Украинци, тројца Кинези, еден Русин и еден Пакистанец. Еден Кинез го преживеал нападот и е спасен, информираше пакистанскиот министер за внатрешни работи Чаундри Нисар Али Кан. Нападот се случил во кампот Нанга Парбат. Напаѓачите биле облечени во униформа на парамилитарна полиција.
„Тие беа алпинисти. Напаѓачите влегле (во кампот, н.з.) и отвориле оган кон нив. Потврдено е дека тие загинале“, информираше Мохамед Навед од пакистанската полиција.
Напаѓачите ги претепале Пакистанците кои ги придружувале туристите, им ги одзеле парите и ги врзале, информираше пакистански владин функционер, кој побара да остане анонимен. Убиството на украинските алпинисти го потврди и амбасадорот на оваа земја во Пакистан Владимир Лакомов.
Пакистанскиот огранок на талибанското движење ја презеде одговорноста за убиството на странските туристи. Портпаролот Ехсанулах Ехсан телефонски се јавил во новинската агенција АФП со тврдење дека еден од нивните ограноци, наречена Џуход ул-Хифа го извршил нападот како одмазда за убиството на заменик-лидерот на пакистанските талибанци, кое се случило во мај годинава за време на американски ракетен напад.
Пакистанската влада го оцени инцидентот со странските туристи како терористички напад.
„Владата во Пакистан изразува најдлабока шокираност и тага поради овој брутален акт на тероризам и изразува сочувство до семејствата на жртвите. Оние кои го направија овој огромен злостор се чини се обидуваат да ги нарушат односите кои се во подем меѓу Пакистан и Кина, како и со другите пријателски земји“, стои во соопштението на пакистанското Министерство за надворешни работи.
Инцидентот со алпинистите ќе го загрози единствениот туризам што остана во Пакистан, а тоа е оној поврзан со алпинистите, бидејќи земјата има проблеми со насилството од страна на Ал Каеда и Талибанците.