1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиени ирански граничари

ЖА/дв/дпа/ртре26 октомври 2013

Во крвавите борби на границата меѓу Иран и Пакистан од страна на вооружени членови на банди се убиени 14 ирански граничари. Регионалните власти реагирале на свој начин - „око за око, заб за заб“.

https://p.dw.com/p/1A6YX
Фотографија: Tasnim-News

Најмалку 14 припадници на иранските погранични единици се убиени во напад на вооружени лица во областа на границата со Пакистан, објaви официјалната агенција Ирна. Судирот се случил во округот Сераван во провинцијата Систан и Белуџистан, во југоисточниот дел на Иран. Информацијата ја потврдиле претставниците на локалните власти, Раџабали Шејзаде и Мола Шахи. Агенцијата притоа наведува дека во судирот се ранети уште пет граничари. Ирна, повикувајќи се на неименувани извори, наведува дека за нападот се одговорни „бандити непријателски расположени кон Исламската Република“. Дали се работи за криминалци или бунтовници, не е соопштено.

Иранската армија соопшти дека во областа на нападот испратила засилени воени единици.

Кратко потоа агенцијата Фарс, повикувајќи се на извори од регионалното генерално обвинителство, соопшти дека во одговор на убиството на граничарите, во затвор биле егзекутирани 16 бунтовници поврзани со непријателските кон режимот групи.

Во планинскиот регион Сераван меѓу другото се активни и бунтовниците и трговци со дрога. Таму постојано се случуваат инциденти со жртви. Повеќе од 90 проценти од Иранците се шиити, а сунитското малцинство живее главно во пограничните подрачја. Сунитите се чувствуваат обесправени и бараат поголема автономија.