1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убивање преку далечински управувач

Александар Методијев23 јули 2011

Беспилотните воени летала играат се` поголема улога во планирањето на воените активности и тоа не само кај Американците. Трендот оди кон автономни системи за напад, наречени „роботи-убијци“.

https://p.dw.com/p/120ps
Фотографија: picture alliance/dpa

Авионот, кој на почетокот од февруари годинава полета од воздушната база Едвардс во Калифорнија, беше невообичаено мал. Долг речиси 12 метри, личеше на врв на стрела и леташе без пилот. Тоа е Икс-47Б на произведувачот „Нортроп Груман“, кој го почна тригодишниот тест. Икс-47Б, зад кој стои роботизиран систем за оружје, развиен за целосно самостојни операции, може да носи товар од два тона бомби и ракети.

Моделот Икс-47Б е само најновиот пример на новиот тренд, кој е видлив во последните години – наместо војници, на бојните полиња во конфликтните области, се` почесто се испраќаат беспилотни летала со далечинско управување. Таков вид оружје најчесто користат Американците во Пакистан. Во периодот од 2004 до 2007 година се забележани девет напади, во 2008 33, а една година подоцна 53. Минатата година бројот на напади со таканаречените „дронови“ е двојно зголемен. Проценката на бројот на мртви се движи меѓу 600 и 1000 лица.

Новата технологија ќе донесе тероризам во европските и американските метрополи

Порастот на капацитетот на компјутерските чипови, модерните камери и сензорската техника го остварија довчерашниот сон на секој генерал - да води војна без ризик за своите војници. Професорот по роботика и вештачка интелигенција на британскиот универзитет Шефилд, Ноел Шарки, вели:

„Можеби нема ризик за војската. Меѓутоа, од ризикот не се ослободени цивилите од завојуваните региони, па ниту цивилите од нашите земји. Секое асиметрично водење на војната, создава нов тероризам. Непријателите нема да се предадат само затоа што имаме подобра технологија. Тие ќе најдат друг пат за борба, а сето тоа, за несреќа, води до тероризам во нашите градови.“

Northrop Grumman X-47 Pegasus Experimentalkampfflugzeug
Икс-47Б треба да помине тригодишен тест, пред да се прати во мисијаФотографија: U.S. Air Force photo by Rob Densmore

Светските велесили се натпреваруваат во набавката на беспилотните летала. Повеќе од 50 држави, како Израел, Германија, Кина, Русија и Иран имаат купено или развиено беспилотни летала за надзор. Многу од нив работат и на борбени верзии. Нивната предност, во однос на борбените авиони, е пред се` од финансиска природа. Како за споредба, американското беспилотно летало од типот „Рипер ЕмКју 9“ чини десет милиони долари, додека трошоците за борбениот авион „Еф22“ изнесуваат 150 милиони долари.

Роботите-убијци од филмовите стануват стварност

Питер Ворен Сингер, од американскиот институт „Брукингс“, се осврна критички во својата книга на понатамошниот развој на воените роботи. Сингер коментира:

„Роботите немаат емоции. Тие не стануваат бесни, ако некој им го убие пријателот. Тие не прават воени злосторства поради одмазда. Од друга страна, роботите не прават разлика меѓу осумдесетгодишна баба во инвалидска количка и тенк. За нив тоа е исто!“

Истражувачот на роботи, Роналд Аркин, смета дека предноста на роботите се крие токму во недостатокот на емоции. Аркин тврди дека стучњаците би можеле да развијат роботи, кои би биле во состојба да одбијат неморални команди, така што во нив би биле програмирани етичките аспекти од конвенциитеод Женева и Хаг за правилата на војување.

Трендовите за технолошки развој на војската можеби и звучат како сцена од филм од жанрот научна фантастика, меѓутоа нивната примена и последиците преминуваат во реалност.

Автори: Матиас фон Хајн/ Александар Методијев

Редактор: Трајче Тосев