Туск: Човекот од позадина
1 декември 2014Претходникот на Туск, Херман Ван Ромпој, беше екстремно воздржан претседател. Веднаш по преземањето на должноста рече дека неговото мислење не се брои. Тој својата задача ја гледа пред се‘ во тоа да се издејствува консензус на земјите членки на ЕУ. Самооткажувањето на Ван Ромпој се граничеше со мазохизам. Незаборавна е гротескната сцена во Европскиот парламент, кога Најџел Фараж, претседател на британската партија УКИП која е против ЕУ, се потсмеваше дека Ван Ромпој има „харизма на влажна крпа и надворешен изглед на ситен банкарски чиновник“. Ван Ромпој се вртеше во својот стол, превртуваше со очите, но ја поднесе тирадата.
Спореден со Тони Блер или Жак Ширак, Ван Ромпој беше сиво глувче. Негова „мана“ беше и тоа тоа што доаѓа од Белгија, една, како што во истиот зајадлив говор рече Фараж - „не-земја“, притоа потсмевајќи им се на фламанско-валонските расправии. Но токму белгиското потекло на Ван Ромпој и неговата неупадливост беа основата за неговиот - релативен - успех. Во Белгија, државата-компромис, тој научи како да бара консензус и согледа дека личното профилирање притоа е пречка. Неговиот напор за заеднички одлуки особено дојде до израз и се докажа во времето на финансиската криза.
Никој не смее да го краде шоуто
Кон тоа треба да се додаде и дека шефовите на држави или влади по секоја цена сакаат претседател на Европскиот совет кој е повеќе неупадлив отколку упадлив. На пример, на почетокот Тони Блер беше во опција за претседател, кој доколку тоа беше дозволено, на ЕУ навистина ќе и‘ дадеше далеку посилен меѓународен профил. Тоа, меѓутоа, ќе одеше на сметка на останатите државни лидери, а тие тоа не го сакаа. Затоа избран беше чоовек како Херман Ван Ромпој. А лидерите се по се‘ изгледа задоволни од човекот кој беше машина за консензуси, посредник и човек што конците ги влече од позадина. Да беше поинаку, немаше да ги изберат уште еднаш по првиот турнус од 2,5 години.
Помалку скромност
Доналд Туск, се чини, е вистинскиот наследник. Судејќи според неговите досегашни настапи, тој има дел од силните страни на Ван Ромпој, но и ги компензира неговите слабости. Туск нема да се задоволи со сосема понизна улога, каква што Белгиецот си определи за себе. Тоа добро ќе и‘ дојде на ЕУ. Унијата со своите 28 држави и 500 милиони жители на светската сцена, за жал, ја нема онаа тежина која би морало да ја има. Тоа има врска и со нејзините врвни претставници. Херман Ван Ромпој не можеше ништо против тоа, но на некои меѓународни средби едноставно го превидуваа затоа шт не сакаше да стои во преден план, иако беше формално највисок претставник на ЕУ. И со скромноста може да се претера, па Донад Туск тоа ќе треба да го промени. Притоа, добро ќе му дојде тоа што долги години беше полски премиер и има многу политички контакти.
Искуства со Русија
Ќе биде интересно како ќе влијае фактот што Туск, како Источноевропеец, носи сосема поинаков агол на гледање во ЕУ, особено сега, во конфронтацијата со Русија. Полска е до Русија, страдала од Русија и СССР, а Туск како полски премиер предлагаше поостри, попредупредувачки тонови кон Русија поради кризата во Украина отколку што тоа го правеа другите шефови на влади од Западна Европа. Но, како престедател на Советот на ЕУ, тој не смее да делува само врз основа на своето потекло, туку мора да ги поврзува сите мислења. Новиот агол на гледање, меѓутоа, на ЕУ ќе и‘ биде добредојден, зашто во Унијата се‘ уште многу превладува западноевропскиот поглед. Туск би можел да донесе нови ветришта и во економската политика. Тој својата земја ја водеше низ економската криза со умни реформи, без пакети за помош.
Туск не е идеолог, ниту во економската политика ниту во односот кон Русија. Тој е прагматичар. На функцијата претседател на Советот на ЕУ еден идеолог и нема што да бара. Она на што Туск мора уште да работи е неговиот англиски. Тој добро зборува германски и руски. Но колку и Германците да се радуваат на тоа и колку неговото познавање на рускиот јазик да е можеби од помош за решение на кризата во Украина, без англиски на европската, а уште повеќе на меѓународната сцена, не оди ништо! Делот на ЕУ кој зборува француски од устата на Полјакот нема да го слуша овој јазик. На тоа беа навикнати од Херман Ван Ромпој, кој еднакво течно зборува францски, англиски и холандски, а донекаде и германски. Во долгите ноќи на одржување самити, ќе недостасува уште нешто - Хаику-песните на Ван Ромпој. Оној кому ќе му недостасуваат, може да ја купи неговата Хаику-збирка на поезија.