Туск наместо Ван Ромпој, Могерини наместо Ештон
31 август 2014На синоќешниот (30.08) самит, шефовите на држави или на влади на земјите-членки на Европската унија донесоа одлука актуелниот полски премиер Доналд Туск да го наследи Ван Ромпој на местото претседател на Советот на Европската унија, а шефицата на италијанската дипломатија Федерика Могерини да ја замени Кетрин Ештон на функцијата Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Со тоа лидерите на ЕУ-државите го прифатија персоналниот пакет, кој ги зема предвид како партиските пропорции во Унијата, така и распределбата на врвните функции во Унијата меѓу Истокот и Западот и меѓу мажите и жените. Туск, кој важи за човек од доверба на германската канцеларка Ангела Меркел, им припаѓа на конзервативците. Могерини пак, која на функцијата министерка за надворешни работи на Италија стапи во февруари годинава, е социјалдемократка. Со овие одлуки конечен изглед добива новото раководство на ЕУ. Могерини притоа ќе му биде и заменичка на новиот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер. Туск ќе стапи на функцијта на 1. декември, и како и неговиот претходник Ван Ромпој ќе биде задолжен за содржинска подготовка и организациско раководење со самитите на ЕУ.
Американскиот претседател Барак Обама им го честита изборот на премиерот на Полска, Доналд Туск, за претседател на Европскиот совет, и на министерката за надворешни работи на Италија, Федерика Могерини, за функцијата висок претставник на ЕУ за прашањата на надворешната политика и безбедноста. Во соопштението на портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест уште се наведува: „САД немаат поважен партнер од Европа во напорите за поттикнување на безбедноста и економскиот просперитет во светот“.
„Ние сме решени тесно да соработуваме со претседателот Туск и со високиот претставник Могерини, како и со шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и сите нови еврокомесари“, се вели во соопштението.