Турција не попушта во спорот со Германија
5 јуни 2017Турција и натаму не им дозволува на германските парламентарци да ги посетат војниците на Бундесверот стационирани во воздухопловната база Инџирлик. Германските пратеници можат да ја посетат НАТО-базата во Конија, „но не Инџирлик“, изјави денеска во Анкара, по разговорите со својот германски колега, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу.
Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел во Анкара рече дека „жали“, но моли „за разбирање“ што „поради внатрешнополитички причини војниците ќе мора да бидат преместени“.
Турската влада со недели одбива да им дозволи на германските парламентарци посета на војниците на Бундесверот во Инџирлик кои се дел од меѓународната мисија против џихадистите на Исламска држава во Сирија. Најновата забрана следуваше откако Германија им даде азил на турските војници кои, според наводи на Анкара, учествувале во обидот за пуч во Турција, во јули 2016 година.