Турција конфискуваше интервју на Дојче веле
7 септември 2016Телевизискиот формат „Конфликтна зона“ на Дојче веле е познат по својот конфронтирачки стил - незгодни прашања и упорно инсистирање на одговор. Но, на турскиот министер за млади и спорт, Акив Џакатај Килич, очигледно прашањата на модераторот Михел Фридман му биле премногу незгодни.
Не станува збор за „додворувачко интервју“
Ретроспектива: Фридман во понеделникот вечерта на министерот му поставил прашања околу неуспешниот обид за пуч во јули, по кој што следеа масовни отпуштања од работа и апсења, потоа околу незавидната положба на медиумите во Турција и околу положбата на жената во турското општество.
Министерот Килич, роден во Германија во 1976 година, бил замолен во текот на интервјуто да објасни и одредени изјави на претседателот Ердоган на спомнатите теми. Откако Килич ја напуштил просторијата по завршувањето на снимањето, неговиот портпарол неочекувано соопштил дека Дојче веле не смее да го емитува интервјуто. По протестите од страна на Фридман и неговите редакциски колеги, соработници на турското Министерство за спорт го конфискувале видео-материјалот. Постапката била извршена со примена на „недвосмислен притисок“, соопшти портпаролот на Дојче веле, Кристоф Јумпелт. Интендантот на Дојче веле Петер Лимбург постапката ја оцени како скандалозна и неприфатлива за медиумската куќа. Фридман сигурно не водел „додворувачко интервју“, но на турската страна и‘ беше познат форматот, како и темите. Интендантот истакнува дека конфискувањето на снимките може да го разбере само како знак на „висок степен на нервоза и поместување во правец на диктатира“. Турција досега не излезе во пресрет на барањето на Лимбург да го врати снимениот видеоматеријал.
Случај за Штајнмајер?
Здружението на германските новинари ДЈВ го повика германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер да се вклучи во случајот. „Ова е најтешкиот можен напад врз слободата на медиумите, каков што се среќава само во диктатурите“, изјави претседателот на Здружението, Франк Иберал. Неопходно е активирање во случајот од Министерството за надворешни работи. Критика на инцидентот стигна и од опозиционите Партија на зелените и од Левицата во Бундестагот. Копретседателот на Зелените Џем Ездемир, кој и самиот има турско потекло, преку Твитер напиша дека во случајот треба да се вклучи германската влада.
„Едноставно авантуристички“
Самиот турски министер пак во меѓувреме целосно негира заплена на видеоматеријалот. Ваквите извештаи не одговараат на вистината, напиша тој на Твитер. Единствено било побарано интервјуто да не биде емитувано, а Дојче веле мора да се повинува на желбата за авторизација, истакнува Килич.
Портпаролот на Дојче веле, Јумпелт, изјавата на Килич ја оцени како „едноставно авантуристичка“: „Доколку видеоматеријалот не беше противправно конфискуван, Дојче веле сѐ ште ќе го имаше и ќе можеше да ја емитува емисијата според планот“. Јумпелт уште тврди: „Авторизација на интервјуто не беше воопшто дискутирана ни пред, ни вот екот на снимањето“.