Турција го отповика амбасадорот од Берлин
2 јуни 2016Бундестагот денеска ја донесе едногласно резолуцијата со која убиството на околу 1,5 милиони христијански Ерменци и припадници на други христијански малцинства во периодот од 1915 и 1916 година се нарекува „геноцид“. Претседателот на Парламентот, Норберт Ламерт ги осуди обидите за заплашување на германските пратеници пред денешното гласање. Особено биле заплашувани колегите со турски корени, рече Ламерт на почетокот на дебатата во Бундестагот. „Закани со цел да се спречи слободното мислење во германскиот Бундестаг, се неприфатливи“, изјави Ламерт, додавајќи дека тоа нема да биде прифатено и сигурно нема да се дозволи да се биде заплашен.
Ламерт апелираше до Турција да придонесе за обработка на минатото и помирувањето со Ерменија. Германската историја покажува дека искреното и самокритично соочување е предуслов за разбирање. „Денешната влада на Турција не е одговорна за она што се случило пред 100 години, но е соодговорна за она што од тоа ќе произлезе во иднина“, рече претседателот на Бундестагот.
Повици за обработка на минатото
Во дебатата во Парламентот, експертот на СПД за надворешна политика Ролф Мицених укажа дека Германија од сопствено искуство знае колку е напорно и болно соочувањето со сопствената историја. „Денес, посакуваме една Турција во која со таква отвореност ќе има соочување со темно поглавје од нејзината историја.“ Заменик шефот на пратеничката група на Унијата (ЦДУ и ЦСУ), Франц Јозеф Јунг, нагласи: „Нам не ни е до тоа да ја ставиме Турција на столб на срам. Турција е важен партнер. Токму затоа е важно да се тргне по патот на обработка на минатото.“
Шефот на Зелените Џем Ездемир во текот на дебатата го критикуваше актуелниот прогон на христијани на Блискиот Исток. Кога ќе се погледне кон регионот, се гледа дека повторно се прогонуваат христијани „во Ирак, Сирија, но и Турција“.
Во денеска усвоената резолуција, Бундестагот изразува жалење и поради неславната улога на Германскиот Рајх. Во Првата светска војна, Германија како главен воен сојузник на Османлискто царство, и покрај недвосмислените информации за организирано прогонување и уништување на Ерменците, не се обидела да ги запре злосторствата против човештвото.
Турција: Резолуцијата е „ништовна“
Во знак на протест поради резолуцијата за геноцидот врз Ерменците, Турција го отповика својот амбасадор од Берлин. Турција како правен наследник на Османлиското царство изразува жалење поради масакрот врз Ерменците, но негира дека станува збор за геноцид. Владата во Анкара денеска донесената резолуција ја оцени како „ништовна“. Германскиот парламент, според портпаролот на турската влада Нуман Куртулмус, масакрот врз Ерменците го оценил како геноцид врз основа на „изобличени и беспредметни инсинуации“.
Според проценки на историчарите, во масакрот извршен за време на Првата светска војна, биле убиени меѓу 800.000 и 1,5 милиони Ерменци, како и припадници на други христијански малцинства. Досега повеќе од 20 држави, меѓу нив Франција, Италија и Русија, масакрот го имаат оценето како геноцид. Ерменскиот претседател Серш Саркисјан изјави дека резолуцијата на германскиот Бундестаг е „многу важна“ за неговата земја.