1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција ги обвини сириските Курди за нападот во Анкара

Б.Г./дпа18 февруари 2016

Турскиот премиер Давутоглу ги обвините курдските сепаратисти за бомбашкиот напад во Анкара во кој загинаа 28 луѓе. Курдите ги отфрлаат обвинувањата

https://p.dw.com/p/1HxGb
Фотографија: Reuters/Ihlas News Agency

Турската влада ги обвини сириската Курдска милиција и курдските сепаратисти во Турција за бомбашкиот напад во Анкара во кој загинаа 28 луѓе.

„Сите напаѓачи се идентификувани“, соопшти турскиот премиер Ахмет Давутоглу, посочувајќи дека еден од напаѓачите бил Сириец роден во 1982 година.

Борецот на Курдските народни единици за заштита го извел нападот со „поддршка на терористичка организација“, рече Давутоглу алудирајќи на забранетата Курдска работничка партија.

Напаѓачот е идентификуван како Салех Наџар од сирискиот град Амуда, во близина на границата со Турција.

Автомобил-бомбата целела кон армиската област во владиниот регион во главниот град, и повреди 61 лице. Експлозијата се случи во близина на седиштето на воздухопловните сили и на парламентот. Девет лица досега се уапсени во врска со нападот, Давутоглу го откажа патувањето во Брисел каде требаше да се разговара за бегалската криза.

Türkei Ankara Untersuchung nach Anschlag
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Претставник на сириските Курди ги отфрли обвинувањата за вмешеност во нападот. „Целосно ги отфрламе овие обвинувања. Немаме никаква врска со она што се случува во Турција“, изјави Салих Муслим, лидер на курдската милиција во Сирија.

„Овие обвинувања се дел од ескалирачката политика на Турција кон курдските партии“, смета Муслим. „Во изминативе денови видовме дека турската армија ги бомбардира курдските региони во Сирија“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во средата изјави дека трпението на неговата земја за тероризмот е се помало и го потенцираше правото на Турција на самоодбрана.

Турските воени сили на југоистокот на земјата водат војна против ПКК. Во истовреме во Сирија курдските милиции зајакнуваат благодарение на поддршката од Русија и САД, а турската влада е загрижена поради успесите на курдската милиција во Сирија.