1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турците за ЕУ: „Не ни требате“

Јулија Хан
27 мај 2017

Турскиот претседател Ердоган постојано се заканува со прекин на преговорите за членство во ЕУ. Поради трајниот конфликт на релација Анкара- Брисел, се поставува прашањето: дали е пред крај турско-европското пријателство?

https://p.dw.com/p/2dOCq
Türkei Stimmen aus Instanbul zu einem möglichen EU-Beitritt der Türkei
Фотографија: DW/J. Hahn

Оној кој сака да го дознае мислењето на следбениците на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за ЕУ, треба да појде во Есенлер. Квартот се наоѓа на половина час возење од истанбулскиот градски центар. Многу овдешни луѓе се религиозни, верни гласачи на владејачката АКП. На уставниот референдум во април, жителите од Есенлер со 66 проценти се изјаснија со „да“ - да за поголема власт на државниот шеф Ердоган.

„Ние не ја сакаме Европа“, ми довикува еден чистач на чевли. Не сака да си го каже името, но бездруго сака да каже што мисли. „ЕУ не е наш пријател, туку наш непријател“, вели додека четка еден пар кожни чевли. „Ако наредниот пат се изјаснуваме на референдум за пристапот во ЕУ, тогаш ќе кажеме - не. 80 проценти од нас ќе кажат 'не', во тоа сум апсолутно сигурен“. Европското знаме, кое го носев со мене, нему не му е потребно. Гордо позира со турското знаме.

Многумина во овој кварт го делат мислењето на чистачот на чевли. „Нам не ни треба Европа - ние ѝ требаме на Европа!“, вели еден друг човек, кому емоциите брзо му зовриваат. „Веќе 15, 20 години Европа нѐ влече за нос, но сега е крај на тоа. Германија, Франција, Велика Британија - ниедна од нив во моментов нема силен водач, но ние овде во Турција имаме еден, а тој се вика: Реџеп Таип Ердоган.“

Türkei Stimmen aus Instanbul zu einem möglichen EU-Beitritt der Türkei
„ЕУ е наш непријател“, вели чистач на чевли од ИстанбулФотографија: DW/J. Hahn

Конфронтација наместо разбирање

Лутината кон Европа не е случајна. Минати се времињата во кои Ердоган во Брисел, Париз и Берлин врбуваше за прием на Турција во ЕУ. Патот на Турција кон Европа е „неотповиклив“, неговата земја е определена за западните вредности, ветуваше некогаш сегашниот турски претседател. Тоа беше во 2003 година, кога тој беше премиер. Оттогаш многу нешта се променија во Турција, па и тонот кон Брисел. Ако ЕУ не отвори наскоро нови преговарачки поглавја, ќе ѝ кажеме „довидување“, се закани неодамна Ердоган. А дотогаш, тој нема што да дискутира со ЕУ, Турција не е „вратарот на ЕУ“. 

Во меѓувреме и од Брисел често се слушаат барања за конечно прекинување на пристапните преговори со Анкара. Тие, де факто, се ставени на мраз веќе со месеци, поради репресијата која турската влада ја спроведува против државните службеници, медиумите и опозицијата по обидот за државен удар во јули 2016 година, поради заканата од Ердоган за можно повторно воведување на смртната казна во земјата и поради референдумот, во кој критичарите гледаат окончување на турската демократија. Колку е ситуацијата вистински сериозна? 

Само уште 28 проценти се за ЕУ

„Односите никогаш не беа посебно кооперативни, постоеја бројни кризи. Актуелната во еден дел е условена од внатрешните проблеми на Турција, но делумно и од проблемите на ЕУ“, објаснува Алпер Еџевит, кој предава политички науки на Универзитетот Бакчешехир во Истанбул. „Тврдите зборови кои сега ги слушаме од двете страни, се дел од преговорите, така да се рече - спаѓаат во стратегијата. Оваа криза е надминлива, но само ако постои политичка волја.“

Но и во таков случај, повторното приближување нема да биде едноставно. Според една анкета на Евробарометар од ноември 2016 година, само уште 28 проценти од Турците претпочитаат влез на нивната земја во ЕУ, пред десет години беа 54 проценти. „Луѓето овде во Турција отсекогаш беа скептични во поглед на пристапниот процес“, вели Алпер Еџевит, „но, во изминатите десет години бројот на ЕУ-приврзеници драстично опадна. Дури и тие кои би сакале прием во ЕУ, не веруваат во можноста некогаш тоа да се реализира. Колку се постари, луѓето се поскептични, зашто во минатите децении речиси не доживеаја напредок на овој план.“

Türkei Stimmen aus Instanbul zu einem möglichen EU-Beitritt der Türkei
Влез во ЕУ е добар за Турција, но не и за ЕУ, смета жител на квартот КадикојФотографија: DW/J. Hahn

Без надеж

Брисел во 1963 година првпат ѝ навести прием на Турција. Од октомври 2005 година, Анкара и ЕУ официјално водат преговори. Од 33 преговарачки поглавја, досега не е затворено ниту едно единствено. И Договорот за прифат на бегалците секогаш одново разгорува кавги.

Фрустрацијата поради ЕУ е длабока, дури и кај тие кои не се на курсот на претседателот Ердоган. Во градскиот кварт Кадикој, речиси 80 проценти гласале против Ердогановиот уставен референдум. Овде живеат бројни млади луѓе, студенти, уметници, квартот се смета за бастион на турската опозиција. Дали овдешните луѓе ја гледаат својата иднина во Европа? „За нас пристапувањето би било добро, но не и за Европа. Има премноу проблеми, Турција не ја искористи својата шанса“, вели еден минувач.

„Имам 44 години и не верувам дека ќе доживеам влез во ЕУ“, вели жена со кратка темна коса. „Мислам дека Европа се плаши од нас, иако јас би рекла: не плашете се!“