Турските блогери против интернет цензурата
12 февруари 2014„Или интернет или апокалипса!“ Со овој слоган повеќе од 2.000 демонстранти изминатиот викенд маршираа низ улиците на Истанбул. Турската полиција реагираше со познатите манири - употреби солзавец, водени топови и гумени палки против противниците на владата. Демонстрантите одговорија со камења и пиротехнички средства. (На насловната фотографија - демонстрации во Истанбул против интернет законот.)
Предзвикувач на новата конфронтација беше усвојувањето на новиот закон за интернет. Со него владата во иднина ќе има можност да блокира интернет страници без судска одлука. Освен тоа, интернет понудувачите треба да бидат обврзани да ги меморираат податоците од корисниците, за потоа да им бидат достапни на властите. Премиерот Реџеп Таил Ердоган ја отфрли критиката дека сакал да го цензурира интернетот и да го ограничи слободното изразување на мислењето. Неговата влада сакала да ги заштити пред сѐ младите.
„Овие одредби не значат цензура на интернетот. Напротив, тие даваат поголема безбедност и слобода“, го цитираат Ердоган во турскиот весник „Хуриет“. За законот да стапи во сила мора да го потпише и претседателот Абдула Ѓул. Критичарите бараат тој да стави вето.
„Тогаш ќе се најдат нови патишта“
Огулчан Екиз има 22 години, студент е по право и активен микро-блогер на платформата „140journos“ за т.н. граѓанско новинарство. Секој на социјалните медиуми може да известува за теми по слободен избор.
„Меѓу другото, активни сме на Твитер, Саундклаут, Фејсбук и Сторифај. Најактивни сме на Твитер. Луѓето, како на пример демонсtрантите од минатата сабота, испраќаат фотографии, видеа и тонски снимки. И ние ги ставаме на интернет“, вели Екиз во разговор за ДВ. Особено тешко во новиот закон е тоа што можат да бидат блокирани поединечни интернет страници, вели Екиз.
„Владата, на пример, сигурно нема да го блокира Твитер, бидејќи платформата ја користи за сопствени рекламни цели. Но, би можела да биде блокирана нашата страница на Твитер, или поединечни наши твитови. Тоа се разбира значително ќе ја ограничи нашата работа“, објаснува блогерот.
Студентот и неговиот тим веќе имаат искуство со цензура на интернет во Турција. Околу 250 интервјуа кои ги меморирале во т.н. Саундклаудс, биле блокирани веќе две недели и оттогаш тие воопшто немале пристап во платформата за размена на аудио-податоци, тврди Екиз.
„Ние сега најдовме друга страница, која можеме да ја користиме за интервјуа. И доколку владата го ограничи Твитер, и тука ќе најдеме нови патишта“, сигурен е блогерот. Но, секој чекор кој ја олеснува цензурата е упад во правото за слободно изразување на мислењето.
Освен тоа владата ги заплашувала луѓето, тврди Екиз, што кај некои тоа доведувало до самоцензура. Тој се потсеќа на Махир Зајналов. Новинарот од Азербејџан минатата недела бил протеран од земјата поради твитови кои биле критички настроени кон владата. „Овој случај покажува, колку е лесно за турската влада да цензурира и да презема мерки против критичарите“.
„Интернетот не може целосно да биде блокиран“
Дениз Ергурел, блогер и генерален секретар на независниот медиумски сојуз во Истанбул, во толкувањето на законот гледа голем проблем.
„Новиот интернет закон дефинира нови видови на злосторства, на пример 'пароли на омраза'. Но, кој ќе процени дали се тоа 'пароли на омраза' или не? Каде се границите“, прашува Ергурел во разговорот за ДВ.
Вториот голем проблем е навлегување во приватната сфера на луѓето, бидејќи интернет сообраќајот на корисниците треба да биде мемориран до две години, критикува блогерот. Со тоа сѐ станува транспарентно, па и приватниот живот.
Но Ергурел не се разочарува. И тој е уверен дека корисниците постојано ќе пронаоѓаат нови методи за да се изразат преку интернет.
„Против природата на интернетот е. Не може содржините целосно да се елиминираат од интернет - интернетот не функционира како физичкиот свет. Секогаш ќе има дупки и техники за да се надминат такви надгледувања“, вели тој.
Освен тоа, цензурата е можност за рекламирање. Доколку одрдени содржини се блокирани, вниманието тогаш особено се свртува кон нив.