Турската власт го гаѓа „Џумхуриет“
31 октомври 2016Турското обвинителство издало налог за апсење на вкупно 14 вработени во „Џумхуриет“. Меѓу нив е и првиот човек на Управниот одбор, Акин Аталај. Се врши претрес на станови на менаџери и новинари на весникот.
Досега нема официјално образложение за причините за ваквите постапки на властите против најважниот преостанат опозициски весник во земјата. Весникот близок до владата „Јени Шафак“ на својата онлајн-страница извести дека главниот уредник на „Џумхуриет“, Мурат Сабунџу (на фотографијата), е осомничен за поврзаност со Фетула Ѓулен. Турскиот претседател Ердоган го обвини Ѓулен за обидот за пуч во земјата во јули годинава.
„Џумхуриет“ денеска напиша: „Пучот против демократијата стигна до весникот Џумхуриет.“ Весникот, инаку, во септември ја доби Алтернативната Нобелова награда. Во образложението, меѓу другото, стоеше: „Во време во кое сѐ повеќе е загрозена слободата на мислење во Турција, 'Џумхуриет' докажува дека гласот на демократијата не може да се замолчи.“
По поранешниот главен уредник на „Џумхуриет“, Џан Дундар, кој се наоѓа во Германија, е распишана потерница. Извршен е претрес на куќата на Дундар во Истанбул. Дундар во мај годинава беше осуден на повеќегодишна казна затвор поради издавање државна тајна.