Тунис: Демократијата во опасност
26 јули 2021Претседателот на Тунис, Каис Сајед, преку ноќ го разреши премиерот Хишем Мешиши и барем привремено самиот го презеде раководењето со владата: работата на парламентот беше суспендирана, зградата опкружена со војници. Пуч?
Барем за тоа зборуваат затечените умерени исламисти од партијата Енахда, околу лидерот на партијата и претседател на парламентот Рашед Гануши, кои го имаат мнозинството во сега обезвластениот парламент. Претседателот Сајед, од друга страна, кој и самиот е адвокат и строг лаицист, смета дека неговата интервенција е во целосна хармонија со уставот и го прикажува суспендирањето на парламентот, премиериот и најмалку двајца министри како еден вид неизбежна, но само привремена, итна политичка сопирачка за спас на стабилноста.
Страв од натамошна ескалација
Кој од нив двајцата е во право, може ќе покажат наредните недели, денови, можеби дури и часови. Ситуацијата во земјата е крајно напрегната, дури и помали насилни инциденти или улични битки, како оние во близина на парламентот во Тунис, може во секое време да активираат неконтролирана динамика, а можеби дури и ескалација на национално ниво. Едно е јасно: стабилноста на Тунис и неговиот демократски систем се во сериозна опасност.
Повеќе:
-Тензии во Тунис: Претседателот Сајед го отпушти премиерот и го суспендираше парламентот
-Тунис: два чекора напред, еден назад
-Тунис - мајка на арапската бунтовност
Не само на политичко ниво, туку и на улиците, спротивставените табори се непомирливи: Додека едни го осудуваат „државниот удар“ и јавно се колнат дека ќе ја бранат „револуцијата“, други со огномети и автомобилски сирени ја изразуваат својата радост поради обезвластувањето на владата поддржана од Енахда, која тие ја обвинуваат за целосен неуспех во економската и во корона-кризата. Всушност, вознемирувачките извештаи за катастрофалните услови во туниските болници и високиот раст на стапката на смртност од Ковид-19 предизвикаа гнев кон владата кај многу туниски како и насилни протести.
На пат кон псевдо-демократија?
Доколку ситуацијата во земјата сега и политички излезе од контрола, ова може да доведе до уште построга интервенција на безбедносните сили и со тоа многу брзо до фактички крај на целиот демократски експеримент во Тунис.
Многу моќни арапски партнери во регионот, и онака, претпочитаат авторитарна псевдо-демократија во Тунис заснована на египетскиот модел. На крајот, таканаречената „Арапска пролет“ би пропаднела токму онаму каде што некогаш започна полна со надеж и каде произведе повеќе демократски успеси отколку во која било друга земја во регионот. Сето ова сега е под закана да биде прокоцкано.