1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Туморот што ги убива Бугарите и Македонците

31 мај 2022

Оксфордскиот дипломец проф. Дајнов извршил вивисекција, прецизна хируршка операција на жив организам, прикажувајќи ја комплетната анатомија на едно злосторство на политиката врз сопствениот народ. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4C3qV
Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Повеќе денови сум под силна импресија од брилијантниот и храбар текст на бугарскиот политиколог и универзитетски професор Евгениј Дајнов објавен во бугарскиот весник „Дневник“. Оксфордскиот дипломец Дајнов извршил вивисекција, прецизна хируршка операција на жив организам прикажувајќи ја комплетната анатомија на едно злосторство на политиката врз сопствениот народ. Го открил туморот што ги убива Бугарите. Се дрзнувам да додадам, ги убива и Македонците, уште поболно и посилно бидејќи карциномот галопирачки метастазира и во Македонија и во целиот регион.   

Проф. Дајнов пишува: „кога бев мал, често слушав од возрасните околу мене дека нешто било „неразбирливо како Индија“ „комплицирано како македонското прашање“. Од тогаш помина долго време и се покажа дека Индија не е толку тешка да се разбере. Но, другото прашање и понатаму е комплицирано, иако одамна не сум ја слушнал фразата „македонско прашање“. Можеби не сум го слушнал скоро овој израз, бидејќи прашањето е чисто бугарско некое време.“

Во моите први гимназиски денови во Скопје, значи рамно пред 55 години од мојата професорка по историја Елисавета Иванова првпат го слушнав изразот „мацедонише цуштенде“ што таа го објасни како неразјаснети  македонски состојби. Подоцна на студии, историчарот проф. Александар Апостолов протолкува дека тоа во суштина значи кога Германците сакаат да кажат дека нешто не може да се реши, односно замрсени работи кои не можат да се одмрсат. До таа јазична кованица се дошло по бројните неразјаснети меѓусебни убиства и атентати по европските градови на долгата рака на ВМРО за што нашироко пишувале и германските и светските весници. 

Срамното вето што го шири својот отров

Понатаму Дајнов во својата анализа пишува: „Срамното вето (и последователната парламентарна „рамковна позиција“) наметната од ГЕРБ-ВМРО за Северна Македонија е отровно за бугарското општество и државност. Внесовме во јавното тело нова капсула, која продолжува да се распаѓа и да го шири својот отров во сите нас. Не знам зошто мнозинството бугарски политичари се жалат дека ЕУ не го разбирала „бугарскиот став“ за македонското прашање. Овие политичари или не разбираат ништо од политика, или лажат. 

Бугарскиот политиколог и професор, Евгениј Дајнов
Бугарскиот политиколог и професор, Евгениј ДајновФотографија: BGNES

Вистината е дека ЕУ целосно разбира сè – од првата секунда кога ветото падна како гром од ведро небо, откако само две години претходно Бугарија се прогласи за гарант за влез на Западен Балкан во ЕУ.  Нема ништо што ЕУ не го разбрала. И токму затоа што разбраа, земјите-членки на ЕУ не ја поддржуваат – и никогаш нема да ја поддржат – бугарската „позиција“. Ниту една држава нема да го стори тоа, никогаш. И нема да ја поддржи, бидејќи со разбирањето доаѓа ужасот како е можно една земја-членка на ЕУ да има таква „позиција“. На луѓето им се крева косата на глава, бидејќи нашето однесување е однесување на диви балкански хорди од почетокот на 20 век.“ 

Повеќе од авторот: Гo слушна ли некој лелекот на Ѓоргиев и Тодоров

Така е професоре, срамното вето и тој отров кој ги труе Бугарите, ги труе и Македонците. Не ни се крена само косата на глава, не убива туѓиот срам, не покосија пресилните зборови. Тој гром од ведро небо не погоди како нож во грбот. Возвративме со иста мерка за да нема разлика меѓу дивите балкански хорди, за да им олесниме на политичарите подобро да не лажат и да ги насочуваат хордите на своето буниште, да го месат тоа аморфно тесто за своите цели во битките за власт. Велите Европа знае и разбира се и нема да ја поддржува Бугарија. Ама, проблемот е што не не поддржува и нас. Или, поточно кажано, не поддржува само на зборови и не држи уште во балканската крчма размножувајќи ги лажните патриоти и разгорувајќи ја омразата меѓу двата народа која ќе остане уште долги години во колективното памтење на граѓаните на Македонија, дури и ако еден ден заврши ова патување боси по трње на Македонците кон западна Европа во што се помалку луѓе веруваат. 

И вие и ние си имаме свое ВМРО 

Вие добро го разјаснувате кога велите: „Сакам да потсетам што се случи и зошто: Пред две години, откако се ближеа избори и ВМРО виде дека е во опасност да отпадне од парламентот, реши да поттикне максимална омраза кон некој надворешен непријател за да можат Бугарите да гласаат за свитата на Каракачанов. И за таа цел не ја избраа Турција (со која ќе имаа вистински сериозни проблеми), туку нашите македонски соседи, со два милиони луѓе кои можат да се распоредат на територија со големина од областа на Софија плус Перник. ГЕРБ стави вето, а Народното собрание го поткрепи со „рамковната позиција“. Што, всушност, сакаат Бугарите од Македонците? Што е тоа што ЕУ не го „разбира“ веќе три години? 

Според „рамковната позиција“, Бугарите бараат од Македонците да се сменат имињата на неколку стотици улици; да се тргнат некои спомен плочи, да признаат дека биле Бугари до 1944 година кога Македонците ги создале југословенските комунисти; да извршат лустрација (која самата Бугарија не ја спроведе), а таму каде што во пишани документи се споменува „македонски јазик“ да објаснат дека тоа е дијалект на бугарскиот јазик. Нема држава во светот која официјално ќе прифати дека нема народ на нејзината територија, дека нема историја и дури нема ни јазик. Не постои таква држава, бидејќи не може да има. Следствено, нема шанси државата Северна Македонија некогаш да се потчини на бугарската „рамковна позиција“. 

Повеќе од авторот: Е, ова е нова бугарска административна окупација

Така и би почитуван Дајнов. И ние си имаме свое ВМРО. Само Бугарија и Македонија единствени во цела Европа си имаат легални револуционерни партии, само што нашата е ем револуционарна, ем демократска за македонско национално единство. Едно со друго не оди ама опиумот за пославно минато од убавиот македонски катран создава чудесни илузии позависни и од хероинот. Велат кога мајките во Македонија работеле на нивите како аргати за да не плачат децата ги заспивале со малку катран од афион за да не се будат. Ние уште спиеме во бунило, не можеме да го разбереме ни светот на интерси, ниту пак нашите интереси. Имаме и ние како вие уште многу демократски партии како социјалдемократи, социјалисти, народни партии, еден куп леви и десни. Сите тие што што управуваат со ограничена одговорност со компанијата Македонија повеќе од 30 години, сега се како генерали по изгубените битки. 

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Знаат „сичко“ и кај се направени грешките и кој ги направил и со Грците и со Бугарите. Само не можат да  се сетат што тие направиле, а богами можеле да направат да биде полесно. Сега попуваат како мудреци и даваат совети нивните наследници да се свртат кон себе и да си ја стокмат државата како што е редот и да направат среќен народ. 

На човека да му пукне срамна жила кога слуша вакви мудрости на безгрешните кои управуваа со државата ептен свртени само кон себе и никој друг. Сега ги береме тажните резултати од тие нивни големи успеси. Спомнувате дека немате направено лустрација. Аман немојте никако. Ние направивме. И ги обесивме на столбот на срамот само политичките противници и невини луѓе. Сето тоа по нарачка на големите патриоти кои везден откриваат предавници и непријатели. Нив не ги интересираат вистинските кодоши. Тие и онака се одамна покојни. Можам да замислам каква трагедија ќе стане во Бугарија ако ја отворите таа Пандорина кутија.

На вас во ЕУ гледаат со ужас, а на нас полошо, со жалење  

Професоре велите: „За работите да бидат уште поматни, позицијата на Бугарија постојано се менува. Од Софија кон Скопје постојано се слеваат нови барања, неевидентирани ниту во „рамковната позиција“, ниту во бугарско-македонскиот договор од 2017 година. Во последната година од владеењето на ГЕРБ-ВМРО, на пример, бугарската министерка за надворешни работи ги повика Македонците да престанат да го слават Тито. Потоа дојдоа преодните влади, кои поставија уште еден услов: бугарското малцинство да биде впишано во македонскиот устав. Кој може да ѝ верува на држава која постојано ги менува своите барања кон друга држава? Овде имаме чудовишна когнитивна дисонанца: ескалација на барањата прават диктаторите, на пример, Владимир Путин; Бугарија е демократска земја, членка на ЕУ, но го демонстрира истото однесување. И тогаш се прашуваме зошто нашите европски партнери гледаат на нас со таков ужас…“ 

Да ве утешам малку. На вас гледаат со ужас, а на нас со жалење, што не можат да ни помогнат. Тоа е полошо од ужас. Секој ден ни повторуваат по сто пати дека сите работи сме ги завршиле и дека само што не почнале преговорите со ЕУ, ама за жал не можеле оти такви биле правилата во премиерлигата, требало сами со вас заедно да ги решаваме работите. Не пуштаат во устата на лавот да го убедиме дека не треба да не изеде. Пишувате дека Бугарија постојано го менува ставот и поставува се нови и нови невозможни барања што е одлика на диктаторите. Бидете без гајле. Ништо ново. Ние тој јазик добро го разбираме. Се навикнавме, особено последните сто и кусур години, а и пред тоа едно 400 до 500 години од „нашата заедничка историја“ кога бевме заедно во составен дел на Османлиската империја. 

Повеќе од авторот: Какво изненадување ни подготвил премиерот Петков

Вас ве ослободија Русите и ви го подарија Санстефанскиот сон кој уште го сонувате при јаве, а нас не оставија сираци на Балканите. Сакаат вашите политици да направат многу крупна стратегиска работа македонските Бугари да влезат во Уставот. Баш убаво. Кај нас за тоа немаме ништо против. Нека влезат час поскоро. Таму ги чека едно големо друштво на народи. А, и ќе дознаат како ни е нас таму, колку ни е убаво што сме во уставот де. Тоа ќе биде голема победа кога ќе влезат Бугари во македонски устав. Потоа кај вас ќе смислат уште нешто. На пример да нема Македонци во Уставот. Па и зошто да ги има ако сите тука се Бугари, осознаени и неосознанени. 

Ми звучите помалку резигнирано кога велите: „за Бугарија нема излез од оваа ситуација – не во рамките на цивилизираните меѓународни односи. Сите бугарски политичари знаат дека нема излез. Но, се прават дека не знаат – едни за да ја хистеризираат ситуацијата и да собираат гласови, а други – за да не се разбудат со гневни толпи под нивните прозорци.

Западнати во ќор-сокак со „македонското прашање“, останати без ниту еден надворешен сојузник, Бугарите станаа нервозни и почнаа да се потсмеваат едни на другите. Вака на нас делува отровот што ни беше ставен во телото со ветото и со „рамковната позиција“. Меѓутоа, овој отров има уште една, поважна димензија. Ветото и „позицијата“ ја разбрануваа таа смрдлива кал што секој народ ја носи на дното од својата душа. Од таа кал излегоа чудовишни мисли и расположенија. Ветото и „позицијата“ се директно одговорни за наглото зголемување на антиевропското расположение во Бугарија, според кое ЕУ е непријател, бидејќи не нѐ поддржува за македонското прашање. Па, ако ЕУ е непријател, кој е пријател? Русија, се разбира.

Отровот на ветото продолжува да се шири низ бугарското општество и покрај војната меѓу цивилизацијата и дивјаштвото што беснее недалеку од нас. Премногу бугарски граѓани и бугарски државници со души извалкани од ветото и од „позицијата“ се редат на страната на руското дивјаштво. И ова е веќе ризик за националната безбедност.  

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Бугарите и никој друг трпат од бугарската „позиција“ за македонското прашање. И тие ќе страдаат сѐ повеќе и повеќе. За да ги спасиме нашите души, мора да најдеме начин да го скршиме ова лудо вето. Две години никој во ЕУ не го поддржа, значи никогаш нема ни да го поддржи. Само се отрувме самите себеси, а сега се обидуваме да ги обвиниме другите 26 земји-членки на ЕУ, Македонците, Американците и секој на кој ќе ни текне – освен Путин, се разбира, кој е единствениот што има интерес од оваа каша. 

Ветото и „рамковната позиција“ се тумор кој нѐ убива нас, а не Македонците. За да оживееме, императив е да си наметнеме радикален третман: да најдеме начин да го надминеме ветото, без да извршиме проруски пуч; да ја отфрлиме „рамковната позиција“ со последователно долго лечење на општественото тело.“ 

Вие се потсмевате, ние се мразиме 

Тука малку грешите професоре. Ветото ве убива вас, ама помалку од нас. Вие можете да го издржите срамот. Македонците и Македонија туморот ги убива многу повеќе, ги убива до исчезнување. Велите во Бугарија се посмевате едни на други. Ние не се потсмеваме, ние само се мразиме едни со други и се караме кој е поголем арамија.  

Повеќе од авторот: Неосвестени Бугари и одродени Македонци

Кај нас никој не се прашува што ќе биде со државата ако останеме изолиран остров на Балканот, а сите други станат  членки на ЕУ. Какви тектонски потреси ќе се случат тогаш. Ако вашите власти поделија 100.000 пасоши да можат луѓето да одат по Европа да работат, а Бугарија секојдневно ги пребројува како освестени Бугари, иако на последниот попис ги има 3.500, што мислите ако Србија, Албанија, Косово и Црна Гора влезат во ЕУ па макар и по 20 години и поделат најмалку едно 500.000 пасоши многу поподатливи од бугарските пашапорти. Овие државјанства ве уверувам нема да бидат само гурбетчиски, туку и територијални. За ова не треба да мислат само Македонците, туку и Бугарите кои ја смислија таа генијална пропагандна  стратегија со пашапорти да прават македонски Бугари и сомнителен бизнис на патриотска мака.

Уште нешто почитуван професоре страхувам дека ваквото безумие и туморот за кој зборувате ќе ни ги затвори устите на сите што сакаме  ова срамно вето да се симне и да се залечат раните. Од праведната страна и на историјата и на иднината не има се помалку. Довидување до следниот ултиматум  на заробениците на географијата и историјата.

Примете ги моите изрази на почит и благодарност за вашите храбри и праведни ставови. Се надевам во Бугарија нема да ве прогласат за предавник. Кај нас тоа оди полесно. Или пак се лажам.