Тројца осомничени за неуспешниот бомбашки напад во Бон
16 декември 2012Истражните органи трагаат по лице со светла боја на кожата и брада, снимено со една од камерите во филијалата на Мекдоналдс на железничката станица во Бон со сина спортска торба во раката, потоа по лице со темна боја на кожата, кое, според изјава на сведок, ја ставил торбата со бомбата на колосекот број 1 и уште најмалку едно лице, за кое досега нема детали.
Сојузното обвинителство смета дека нападот со бомбата бил планиран и управуван од Германија. Засега не се исклучува, меѓутоа, и можноста да има некакви врски со странство. Обвинителството тврди дека лицето со темна боја на кожата „има врски со радикално-исламистички кругови“. Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска (16.12) напиша дека лицето и‘ припаѓа на бонската исламистичка сцена. Тој има и врски со луѓе во странство кои се блиски на Ал Каеда, пишува весникот. „Шпигел“ лицето го идентификува како Омар Д. од Сомалија, кого истрагата го уапси веднаш по нападот, но потоа го ослободи, веројатно поради недостиг на докази.
Околу лицето со светла боја на кожата се знае малку. Обвинителството за него не соопштува ништо, но „Шпигел“ тврди дека се знае неговото име и дека видео снимката од железничката станица докажува дека тој бил на станицата непосредно пред нападот.
Третото лице, според информации на радиотелевизија ВДР, е лице од градот Лангенфелд, кое наводно е човек за врска со Ал Каеда. ВДР меѓутоа наведува дека не е познато дали тој навистина бил вклучен во планирање на нападот и дали во тоа време бил на железничката станица.
Бомбата беше поставена на првиот колосек на железничката станица во Бон минатиот понеделник (10.12) во сина спортска торба. Таа се состоела од метална цевка долга околу 42 сантиметри во која имало амониумнитрат и тајмер, како и различни батерии кои требало да послужат за бомбата да се активира. Министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија Ралф Јегер изјави дека „има извесна веројатност дека бомбата била активирана“. Медиумите, повикувајќи се на безбедносни кругови, јавуваат дека бомбата не експлодирала поради грешка во конструкцијата.