Трновит пат до датум за преговори
22 јануари 2014Резолуцијата за Македонија на известувачот Ричард Хауит што помина во Комитетот за надворешна политика во Европскиот парламент, според дел од аналитичарите, е пример за назадувањето во евроагендата на Македонија. Според директорот на Институтот за европски политики Малинка Ристевска Јорданова, Македонија има се` помалку пријатели кои можат сè потешко да се изборат за ставовите во прилог на Македонија, а сè повеќе да прифаќаат оценки кои се неповолни за земјата:
„Кога во резолуцијата влегува оценка како ’ултранационализам’, тешко дека може да помине објаснувањето дека тоа важи за сите држави во пристапување - можеби важи, ама стои во Резолуција која се однесува за нас. Од друга страна, колку и да е нормално во парламент да има различни мислења, лавината амандмани од бугарски и грчки пратеници секоја година е, за жал, индикатор дека парламентарниот дијалог, наместо да придонесува кон релаксација на добрососедските односи, всушност ги засилува негативните тенденции во меѓусоседските односи. Ќе има избори за Европскиот парламент оваа година, нови пратеници, веројатно и нови известители. Очигледно ќе треба поинаква стратегија со нив, но ќе треба и аргументација за да се сврти овој целосно неповолен развој на настаните за Македонија во европските институции“, коментира Ристевска Јорданова.
Проактивен и реактивен ангажман
Предметната резолуција на известувачот Хауит според универзитетскиот професор Горан Илиќ претставува само една, иницијална манифестација на се‘ она што ја очекува Македонија во наредниот период, додека трае грчкото претседателство со Европскиот совет:
„Дотолку повеќе, симптоматично е варијабилното третирање на резолуцијата и од страна на самиот Хауит, кој во основа се ’самоамандманираше’ себеси преку резолуцијата, посебно во делот на ’двојазичноста’. Паралелно на тоа, грчките претставници поентираат на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, како основа врз која Грција ја фундира блокадата на македонската евроинтеграција, не ставајќи го акцентот на спорот околу името со Македонија“, коментира Илиќ.
Македонија според него е пред тежок период на меѓународен план во кој ќе мора максимално да се активираат сите дипломатски ресурси, и тоа како што вели на две нивоа: проактивно и реактивно:
„Проактивноста на дипломатијата подразбира максимално ангажирање на сите дипломатски ресурси со кои располага Македонија, како и ангажирање на дипломатиите на државите - пријатели на Македонија во афирмација на ставовите и позициите на Македонија во меѓународните односи. Што се однесува до реактивноста, македонската дипломатија ќе мора што поскоро да се подготви со цел перманентно да ги пресретнува грчките активности на меѓународната и европска политичка сцена, кои би значеле девалвација и деградација на македонските надворешно - политички позиции“, смета Илиќ
Хауит сугерира грчкото претседателство со ЕУ да се претвори во предност, а не пречка, во однос на долгогодишнио спор за името меѓу Атина и Скопје. Во Резолуцијата се повторува барањето на ЕП до Европскиот совет да и‘ одреди датум за преговори на Македонија без одлагање, а за прв пат се става под прашање и кредибилитетот на рамката на ОН за решавање на спорот за името. ЕП смета дека треба да се избегнуваат гестови, акции и изјави кои негативно може да влијаат врз добрососедските односи и бара поконкретни резултати во соработката со цел да се воспостават добри меѓусоседски односи на релација Атина-Софија-Скопје. Шефот на грчката дипломатија Венизелос пак од Брисел порача дека не името, туку копенхашките критериуми, демократијата, владеењето на правото, внатрешно- политичката ситуација и отворените прашања со соседите се кочница за евроинтеграцискиот процес. Атина останува на ставот за сложено име со географска одредница пред терминот Македонија за севкупна употреба и промена на уставот.