1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Три родилки починаа од Ковид-19 годинава

ДТЗ
1 април 2021

Предвреме роденото бебе, чијашто мајка почина деновиве, се уште е на респиратор и се бори за живот. Новите мутации на вирусот предизвикуваат се посериозни здравствени проблеми.

https://p.dw.com/p/3rTjp
USA Chicago schwangere Frau
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Crawford

Три родилки ја изгубија битката со Ковид-19 од почетокот на годинава, а седум суспектни случаи на починати трудници биле регистрирани минатата година, кога започна пандемијата. Четири од нив имале компликации и коморбидитети, а три од родилките имале и Ковид-19 и починале на инфективните одделенија во Скопје.

Две од родилките починаа изминативе неколку дена. Според лекарите, двете родилки немале други заболувања. Едната од нив, 33-годишна жена од Делчево починала  во ГОБ „8 Септември“, каде што била префрлена по породувањето на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје (ГАК). Нејзиното бебе е во добра состојба и е пратено дома. Другата е 32-годишна родилка од Скопје, која починала на КАРИЛ. Нејзиното новороденче се уште се бори за живот на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

-повеќе на темата: Две родилки ја загубија битката со Ковид-19, бебе се бори за живот

Директорката на Клиниката за гинекологија, Викторија Јовановска, вели дека бебето коешто е родено 10 недели пред терминот, е на респиратор и неговата состојба е критична. Лекарите велат дека ги направиле сите напори за да ги спасат двете родилки, но нивната клиничка слика била исклучително лоша. Претпоставките се дека причината за тоа се новите мутации на вирусот коишто се многу позаразни и предизвикуваат сериозни последици врз здравјето на пациентите.  

Последниот бран на коронавирус којшто ја зафати Северна Македонија, доведе до зголемен број и на заразени деца коишто имаат посериозни здравствени компликации, како и до поголем број на млади пациенти со тешка клиничка слика.

-повеќе на темата: Во ГАК се третираат родилки позитивни на коронавирусот

„Претходно пациентките не беа во толку тешка состојба. Или доаѓаа доцна или имаа коморбидитети, но сега е поинаку. Имаме и зголемен број на позитивни пациентки, во моментов има 9 пациентки во ковид-центарот“, изјави вчера Јовановска за „360 Степени“.

Пријавени 412 случаи кај бремени жени

Според неделниот извештајот на Институтот за јавно здравје до 28 март регистрирани се 3 смртни случаи кај бремени жени. Од случаите кои се епидемиолошки истражени, пријавени се 412 случаи кај бремени жени, од кои 58 биле хоспитализирани во текот на болеста. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 119 се асимптоматски случаи.

- повеќе на темата: Се поголем број млади луѓе ја губат битката со Ковид-19

Исто ака и 2.532 деца до деветгодишна возраст и 5.596 млади лица на возраст од 10 до 19 години заболеле од Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Иако првично се мислеше дека тие полесно го пребродуваат вирусот, искуството на медицинските лица коишто се во првите редови во борбата со Ковид-19, покажува дека вирусот може да предизвика сериозни оштетувања на одредени органи кај најмладите. Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, д-р Аспазија Софијанова за ДВ неодамна изјави дека само за два месеца со соочиле со пост-ковид компликации кај 42 деца коишто го прележале вирусот.