1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Трета доза вакцина без грижа на совест

Давид Ел
22 ноември 2021

Додека речиси половина од светското население сè уште чека за прва доза, во Германија се турка примање трета доза. Тоа е неправедно, но не треба да ги предомислува оние кои сакаат да примат „бустер доза“, смета Давид Ел.

https://p.dw.com/p/43KKE
Засилена вакцинална заштита против коронавирусот дефинитивно има смисла во борбата против пандемијата.
Засилена вакцинална заштита против коронавирусот дефинитивно има смисла во борбата против пандемијата.Фотографија: Weber/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Неправедно е до бескрај - во Германија во просек има повеќе луѓе кои примиле трета доза вакцина против коронавирусот отколку што во сиромашните земји примиле прва доза. Статистиката е 5,6% Германци со „бустер“ доза наспроти 4,6% со една доза во 27те најсиромашни земји во светот.

На страна етичките и моралните причини, има и еден фактички аргумент зошто глобалниот Југ мора конечно да добие повеќе вакцини – пандемијата ќе заврши тогаш кога вирусот никаде во светот веќе нема да најде човечки домаќин во кој ќе мутира. Од оваа гледна точка кампањата за трета доза вакцина, додека речиси половина од светското население сѐ уште не е вакцинирано, е неправедна. Дотолку поиритирачки е тоа што германската влада во заминување ги запре донациите во КОВАКС системот за да може да го вакцинира сопственото население со трета доза.

Зошто не треба да се одбие „бустер“ дозата

Но, да се одбие привилегијата за трета доза е исто така погрешно. Бидејќи одбивањето „бустер“ доза во Германија нема ништо да смени во оние земји од другите делови на светот кои немаат вакцини. Тезата дека „секоја одлука за купување е сигнал“ со која човек како муштерија може да има барем минимално влијание во случајов не функционира – со одлуката дали ќе се вакцинирате или не немате ама баш никакво влијание врз пазарот со вакцини. Вакцините, барем на глобалниот север, одамна се купени преку државни канали и националните влади го користат секое можно средство за распределување на вакцините до сопственото население.

Погрешна е и претпоставката дека неискористените дози може едноставно да се донираат. Ова е повеќе ситуација како во кафуле кога со друштво ќе нарачате повеќе пива и чашата пиво која никој не ја испил ќе изветрее по што на крај ќе се фрли. Така е и со вакцините, особено оние кои досѓаат во пакување со шест дози, а по отворањето може да се искористат само во рок од неколку часа.

Давид Ел, автор на коментарот
Давид Ел, автор на коментаротФотографија: Privat

И донирањето на поголеми количества вакцини кусо пред истекот на рокот е проблематично бидејќи вакцината треба да стаса до оние кои сакаат да ја примат. Доколку земјата која би ја примила донацијата нема доволно време да го организира процесот и да ги таргетира овие луѓе, тогаш на крај вакцините ќе се фрлат и таму.

Дури и кога поголем дел од Германците би се откажале од трета доза со цел да се донираат вакцините, како би реагирала Владата? Сигурно нема да ги натовари контејнерите со вакцини и да ги испрати во странство, туку ќе вложи иште повеќе пари во засилена рекламна кампања за што повеќе луѓе да се решат да примат „бустер“ доза.

И „бустерот“ спасува животи

Всушност тоа ја прави разликата во развојот на пандемијата во конкретното опкружување. Во Израел четвртиот бран беше прекинат токму благодарение на „бустер“ дозата. Ова веројатно спречи огромен број луѓе да се разболат, или да починат од корона.

Германија и другите земји од северната хемисфера каде и покрај голем број вакцинирани лица има огромен раст на заразени мора да се надева на овој ефект од „бустер“ дозата – и покрај неповолните појдовни услови со оглед на тоа дека заштитата од зараза по примена втора доза вакцина по неколку месеци е значително намалена, но со третата доза повторно се зголемува. Ова го покажуваат податоците од Израел.

Добрата вест е што и покрај намалената заштита по две дози поради што вирусот во одредени случаи ја пробива, сепак вакцината штити од развој на тешка форма на болеста. Секој човек чиј имунолошки систем по третата доза ќе го одбрани организмот од вирусот е како ќорсокак за пандемијата. И секој кој благодарение на „бустерот“ нема да заврши во болница придонесува да има слободно место за другите. Така примањето трета доза не му помага само на оној кој ја прима, туку со тоа може да се спаси и нечиј друг живот.

Вистина е дека сето ова нема речиси никакво позитивно влијание врз 95% од населението во сиромашните земји кое сè уште чека на прва доза. Но, ако ве гризе совеста поради привилегиите за достапност до вакцини, тогаш можете да собирате донации, да организирате протести и да потпишувате петиции, или да му се обратите на пратеникот од вашата општина. Ама сето ова можете да го правите и по примена трета доза.