Транспарентноста останува во ефективен притвор
23 јули 2021Kaко да се врати довербата во правосудството, кога постапките се обвиени во нетранспарентност? Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција побарало мерката куќен притвор на Драги Рашковски да му биде заменета со ефективен притвор, но судот го одбил барањето. Ниту знаеме зошто така решил Судот, ниту ги знаеме причините поради кои тоа го побарало Обвинителството. Останува само да претпоставуваме дека ако Обвинителството побарало ефективен притвор за Рашковски, тој или ја прекршил забраната за комуникација со други осомничени или обвинети во случајот, или ја прекршил забраната за излегување од дома.
Можеби Обвинителството имало многу сериозни причини да побара Рашковски да биде вратен во Шутка. Тоа што му е замрзнат имотот, а со тоа намалена можноста да бега и спокојно да живее во бегство, не мора да биде клучна гаранција. Никој не ги демaнтираше медиумските известувања дека Рашковски на четвртоосомничениот во истрагата му испратил телефонска порака со оваа содржина: „Слушај, изразувај се стручно, овие се глупи, ништо нема да те разберат“. По таков „бекграунд“, нормално е секој да се посомнева дека тој и од куќен притвор би можел на ист начин да влијае врз осомничени, обвинети и сведоци, што би било проблем.
А можеби и ништо од ова не се случува. Можеби нема никаква основа Рашковски повторно да биде во затворски притвор, каде веќе беше еден и пол месец. Но, зошто да претпоставуваме, кога имаме право да добиеме веродостојна информација. Довербата во правосудството не се гради со молк на надлежните институции, бидејќи кога тие молчат „орото“ го водат шпекулациите. Потоа се чудат зошто била лоша парцепцијата за судството. Токму заради ова, и заради тоа што мерката притвор била, и останува линијата по која се чита дали во некои случаи има политички и друг вид арбитражи.
Повеќе на темата:
-Рашковски повторно се враќа во куќен притвор
-Се проширува истрагата за Рашковски, откриени нови злоупотреби од 292 илјади евра
-СМС порака го испрати Рашковски во затворски притвор
Ако обвинети во високо профилни случаи, кои се во ефективен притвор, сѐ почесто се развезуваат до Клиничкиот центар заради влошена здравствена состојба, а постојано им се одбива барањето за замена на затворскиот со куќен притвор, очекувано е јавноста да се прашува - дали важат исти аршини за сите?
Иако се направени бројни чекори за подобрување на состојбите во судството, резултатите не се на очекуваното ниво. Да, потребно е време, но нештата кои се случуваат во од, не ги стивнуваат сомневањата дали поранешното фамозното тефтерче со судии сега е заменето со друго.
Ова се должи и на чести изјави со кои политичари недозволено истрчуваат на судски терен, со оценки дека не веруваат оти овој или оној ја злоупотребил позицијата. Тоа го цементира впечатокот дека политиката влијае врз одлуките на судството, но на друг начин. Никој не мора да се јавува кај судии, зашто пораката за увереност во нечија невиност се испраќа јавно.
Оттука и сомневањата дека преку надворешно влијание за едни секогаш е резервиран затворски, а за други куќен притвор. На тоа се надоврзуваат и случаи со контраверзни службени белешки кои станале пресудни да се изрече мерката затворски притвор.
Друг проблем е што кај нас сѐ уште не се во функција алките и друга опрема за електронски надзор во куќен притвор, преку кои пробациски службеници ќе ја следат секоја промена и контролираат дали притвореното лице се движи во дозволениот радиус. Но, единствената „алка“ што секогаш мора да ја ја има и да биде во функција - е транспарентноста. Без неа сите се во ефективен мрак.