Трансвеститот кој ќе го „спаси“ Дрезден
19 март 2015Забавувачката и ди-џеј Лара Ликвер често настапува како Ангела Меркел и Леди Гага, иако со своите подочници секако личи и на Марлене Дитрих. Освен тоа, неспорната „драг квин“ на Дрезден сега реши да направи нешто за својот град. А сето тоа за да ги залечи раните настанати со упорните демонстрации на Пегида против муслиманите, како и со траумите по разорувањето во Втората светска војна.
„Сакам да бидам ’тетка во неволја’ за Дрезден, нагова најдобра пријателка. Сакам секој да ми дојде, да се исплаче на моето рамо и потоа да се чувствува подобро“, објаснува Лара Ликвер додека обвиткана со чад од цигарата во малку мрачниот, но елегантен „Бојс бар“ во Дрезден пие од чаша со течност со сомнително светло зелена боја. Таа признава-ни нејзиното име не е случајно: „Без алкохол не се препознавам сама себе си.“ Но, притоа додава дека „сите Германци пијат“, па и поради тоа е уверена во блискоста со народот.
Лара ја ужива поддршката на партијата „Партија“, која веќе се прослави со своите провокации. Партијата меѓу другото се залага за обнова на Берлинскиот ѕид и повторна поделба на Германија, а целата земја беше изненадена од огромниот успех на партискиот лидер Мартин Зонеборн кој на минатите избори за Европскиот парламент беше избран за пратеник.
Прво-да се урне црквата „Фрауенкирхе“!
Политичката програма на Лара Ликвер не е долга, а една од првите работи со кои ќе се зафати ако победи на изборите закажани за 7 јуни, е да ја урне познатата црква „Фрауенкирхе“, која беше уништена во Втората светска војна, а по падот на Германската Демократска Република обновена, па таа стана симбол на повторно раѓање на градот. По урувањето, Лара ветува „сјајно лето, со многу ’журки’ меѓу ѕидовите на урнатините.“
„Манифестациите на отворено привлекуваат бројни луѓе, а и акустиката е многу подобра ако нема покрив“, вели госпоѓа Ликвер, наместувајќи го своето кратко црвено здолниште.
„Ќе ја обновиме црквата во состојба токму онаква каква што беше веднаш по војната. А камењата од црквата ќе бидат употребени за повторна изградба на Берлинскиот ѕид. Но, тоа не е мој сектор, тоа е политика на партијата на национално ниво и надлежност на господинот Зонеборн.“
Желбата на госпоѓа Ликвер разбуди интерес на медиумите низ цела Германија, посебно што градот Дрезден во последно време се‘ почесто се поврзува со демонстрациите на движењето Пегида кое се залага за „заштита на западните вредности“, а против исламизација. Се‘уште илјадници луѓе доаѓаат секој понеделник на демонстрации на Пегида, иако истовремено се собираат и илјадници други кои протестираат против ксенофобијата.
Привлечна и за екстремната десница?
Луѓето од Дрезден, град кој некогаш припаѓаше на бившата ГДР, во голема мерка се наклонети кон екстремно десни опции. На парламентарните избори лани речиси 15 проценти граѓани гласаа за екстремната националистичка партија НПД или за популистичката партија Алтернатива за Германија. Оваа вторава посебно гласно изнесува ставови против доселениците во Германија.
Некои ваквата склоност кон екстремната десница во Дрезден ја толкуваат со стравичното разорување практично во последните денови од Втората светска војна. Тогаш во пламен исчезна голем дел од барокниот град. Во секој случај, партијата Партија се труди да привлече и екстремно десни гласачи, па така печатеше плакати со ликот на овој трансвестит на кои со огромни и тоа готски букви пишува дека тоа е идната градоначалничка на Дрезден.
Партискиот лидер Зонеборн е уверен: „Лара Ликвер е единствена која може да го поврати нарушениот углед на Дрезден. Во секој случај, нашата прва мерка ќе биде забрана на демонстрациите во организација на идиоти. И онака во источниот дел од Германија има премногу протести. Тоа не е причината поради која го урнавме Берлинскиот ѕид.“
Но, госпоѓа Ликвер е над политиката. Таа во секој човек, без оглед на верата и убедувањата, гледа свој потенцијален обожавател: „Имам само една порака до демонстрантите од Пегида: гласајте за мене! Кога јас ќе управувам со градот, ќе му го вратиме достоинството на Дрезден. Во градот има многу култура, но таа е ограничена на стари слики и згради. За мене е култура кога 200 луѓе ќе се напијат и ќе поминат прекрасна ноќ.“
Ракија и секси-возач
Она што сега му е потребно на Дрезден, смета Лара Ликвер, е ракија. И тоа многу, мастика, вишневка, узо.. Таа лично преферира самбука. Значи, било што, само загрижените граѓани на Дрезден малку да се разведрат.
„Имаме понешто за сечиј вкус. На луѓето им е многу полесно да разговараат кога претходно ќе испразнат неколку чашиња. Тогаш можете да седнете со секого, од било какво потекло, вера или политичко убедување, и да се изнаразговарате. Што не‘ спречува во тоа? Јас би можела да испијам некоја отповеќе дури и со Луц Бахман (организатор на демонстарциите на Пегида, н.з.).
Којзнае што би можело да се случи ако таа навистина тоа и го направи? На крајот на краиштата, според проценките на Партија, на секои 11 минути еден граѓанин на Дрезден се заљубува во Лара Ликвер. Навистина, тоа се резултати на испитувањето на јавното мислење пред госпоѓа Ликвер да ја објави кандидатурата. Од партијата оценуваат дека актуелната градоначалничка на Дрезден Хелма Ороз од Христијанско-демократската унија и не насетува оти набрзо би можел да ја наследи најпознатиот градски трансвестит.
За волја на вистината, мора да се каже и тоа, но не пред Ликвер-шансите се мали. А таа веќе мечтае како ќе вработи некој млад секси возач за нејзиниот службен автомобил и се радува на службените патувања со платени трошоци во градовите побратимени со Дрезден.
А кога станува збор за испитување на јавното мислење, сигурна е: „До јуни ќе имам стопроцентна поддршка. Ќе имам и над 100 проценти“, вели додека ја поправа фризурата. „Ќе видите, за мене нема вистинска алтернатива.“