Трамповата прослава на 4 јули е спорна
4 јули 2019Ах, Денот на независноста... Повеќето Американци својот национален празник го слават со семејството и пријателите, се прави скара, а навечер мнозинството го следи огнометот кој го има во речиси секој град во САД, сеедно колку е мало местото. Значи, манифестација која е во најголем дел аполитична. Но, во Вашингтон плановите годинава предвидуваат официјална прослава од поинаков вид.
Претседателот Доналд Трамп вечерва ќе држи говор во „Меморијалниот центар Линколн“, значи во срцето на главниот град, како дел од прославата „Salute to America“ која тој помпезно ја најави. Во најдобар Трамп-манир, тој својот говор го најави уште во февруари. На националниот празник ќе има „обраќање од вашиот омилен претседател - од мене!“, рече Трамп.
Учество на еден американски претседател на главната манифестација по повод 4 јули во Вашингтон е многу невообичаено. Претседателите во минатото, како Барак Обама или Џорџ Буш, учествуваа во церемонии на доделување државјанства на американски граѓани. Бил Клинтон на 4 јули 2000 година беше во обиколка на бродовите на воената морнарица во Њујорк. Дури и на 200-годишнината на својата земја, претседателот Џералд Форд во 1976 година ги следеше манифестациите од Белата куќа, откако претходно одржа говор во Халата на независноста во Филаделфија. Единствениот претседател кој досега воопшто учествувал директно на официјалната прослава на Денот на независноста во Вашингтон бил Хари Труман, тврди „Вашингтон пост“. Демократот на 4 јули 1951 година, кога се одбележувала 175-годишнината од прогласувањето независност, одржал говор во Вашингтон за напредувањето на американските трупи во Корејската војна.
Трамп си ја „присвојува“ прославата
Многу луѓе во Вашингтон и во остатокот од земјата не се среќни поради фактото што прославата на 4 јули сега се користи за настап на Трамп. „Со тоа што господин Трамп си ја присвојува прославата на роденденот на Америка...Тој ја гази со нозе долгогодишната традиција: прославата да биде непартиска, па дури и аполитична, да биде настан кој ја поврзува нацијата“, напиша Мишел Катл во коментар во „Њујорк Тајмс“. „Претседателот заклучи дека единственото нешто што ѝ недостига на главната прослава е тој самиот.“
Но, говорот на претседателот не е единствената промена во споредба со прославите на празникот од изминатите години. Покрај традиционалната парада претпладне и годишниот концерт „A Capitol Fourth“ во 20 часот, сега е тука и прославата „Salute to America“, чиј дел е не само говорот на Трамп, туку и оддавањето признание на американската армија, која, како што неуморно повторува Претседателот, е „најдобрата на светот“.
Претседателот одамна посакуваше еден вид воена парада. Ќе свират армиски бендови, а над главите на посетителите ќе летаат борбени авиони и летало кое се користи и како Air Force One, односно авион во кој се вози претседателот на САД. Освен тоа, за прославата во Вашингтон со воз се пренесени и повеќе тенкови, но тие нема да се движат по улиците за време на парадата, затоа што поради тежината ќе предизвикаат оштетувања.
Големи трошоци, многу полиција и блиокиран воздушен простор
Трамп тврди дека и огнометот ќе биде „најголем на сите времиња“. Вообичаено, ракетите за огнометот се распоредени околу „Линколн Меморијал“, но со оглед што таму сега ќе се одржи прославата „Salute to America“, огнометот е преместен во блискиот парк. Би требало да трае околу 35 минути, односно најдолго досега. Две големи фирми за пиротехника донираа материјали за огнометот во вредност од околу 750.000 долари.
Останатите трошоци сѐ уште не се прецизно утврдени. „Целата работа ќе биде многу скапа, а даночните обврзници сето тоа ќе мора да го платат“, вели Крис Ван Холен, демократски сенатор од Мериленд.
Едно е јасно: безбедносните трошоци за настапот на Трамп ќе бидат есктремно високи. А, прославата носи и други тешкотии. Поради прелетувањето на борбените авиони и од безбедносни причини, воздушниот простор над Вашингтон ќе биде затворен два часа. Градоначалничката Мјуриел Баузер е загрижена дека полициските сили кои доаѓаат како засилување поради настапот на Трамп, можеби ќе недостигаат на друго место.
Но, тоа не игра никаква улога ако Претседателот сака да слави. „Ќе имаме извонреден 4 јули во Вашингтон“, најави Трамп во понеделникот во Белата куќа. „ќе биде како никогаш досега и се надевам дека ќе дојдат многу луѓе.“