1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ќе владее во време на конфликти

БГ
10 јануари 2017

Новата администрација на Доналд Трамп ќе се соочи со свет во кој ќе биде зголемен ризикот од конфликти, забавен развој и зголемен антидемократски притисок, се наведува во извештај на американското разузнување.

https://p.dw.com/p/2VYhX
USA Donald Trump in Manchester
Фотографија: Reuters/C. Allegri

Ризикот од конфликти меѓу и во самите држави ќе се зголеми во следните пет години на ниво невидено од крајот на Студената војна, предупредуваат американските разузнувачи. Глобалниот раст ќе се намалува, поствоениот светски поредок ќе еродира, а антиглобализацијата ќе поттикнува национализам.

„Ваквите трендови ќе конвергираат со голема брзина, со што ќе се отежнат владеењето и соработката и ќе се промени природата на моќта - со што фундаментално ќе се промени глобалниот поредок“, се наведува во анализата насловена „Глобални трендови: парадоксот на напредокот“, која е дел од редовните објави на американскиот Национален совет за разузнавање.

Анализата, објавена на неполни две недели пред преземањето на функцијата американски претседател од страна на Доналд Трамп, ги потенцира факторите кои креираат „темна и тешка блиска иднина“, вклучително и поагресивни Русија и Кина, регионални конфликти, тероризам, зголемена нееднаквост, климатски промени и слаб економски раст.

Традиционално, анализата намерно одбегнува да ги анализира политиките или изборот на САД, но последната студија ги подвлекува комплексните проблеми со кои ќе мора да се соочи Трамп за да ги оствари своите ветувања за подобрување на односите со Русија, изгладување на економските проблеми со Кина, да ги врати работните места во САД и да го порази тероризмот.

Националниот совет за разузнавање е составен од водечките американски регионални и тематски разузнавачки аналитичари. Тој го надгледува составувањето на Националната разузнавачка проценка, која често ги обединува проценките на сите 17 разузнавачки агенции и се смета за најцелосен аналитички производ на американските тајни служби.

Нови сфери на влијание

Последната студија, во која се вклучени и интервјуа со академски експерти, како и со финансиски и политички лидери од целиот свет, ги истражуваше политичките, социјалните, економските и технолошките трендови за кои авторите сметаат дека ќе го обликуваат светот до 2035 година, како и нивното потенцијално влијание. 

Според студијата, во следните децении ќе расте заканата од тероризмот преку мали групи и поединци кои ќе користат „нови технологии, идеи и врски“. Несигурноста во САД, следена со Западот кој ќе биде фокусиран на самиот себе и ослабнувањето на меѓународните стандарди за човекови права и превенција на конфликти, ќе ги охрабрат Кина и Русија да го оспорат американското влијание.

Иако не се очекуваат големи војни, разликите во вредностите и интересите меѓу земјите ќе води кон регионална доминација и нова поделба на сфери на влијанија во светот.

„Преголемата доверба дека ескалацијата ќе може да се менаџира преку материјалната моќ ќе го зголеми ризикот од меѓудржавни конфликти на највисоко ниво од крајот на Студената војна“.

Извештајот предупредува дека глобализацијата и технолошкиот напредок „ги збогатиле богатите“ и спасиле милијарди од сиромаштија, но во истовреме ја истоштиле средната класа и создале отпор против глобализацијата.

„Намалениот раст и проблемите поврзани со технологијата на пазарот на трудот ќе бидат закана за намалувањето на сиромаштијата и ќе предизвикуваат тензии меѓу државите во иднина, подгревајќи национализам кој придонесува за тензии меѓу државите“, се наведува во студијата.