Трамп рече, па порече: Нема сајбер-соработка со Русија
10 јули 2017Американскиот претседател Доналд Трамп самиот набрзина си го отфрли сопствениот предлог за американско-руска специјална единица за безбедност на интернет. Преку Твитер американскиот претседател образложи дека ваквата идеја не може да се реализира. „Фактот дека со рускиот претседател Путин разговарав за специјална единица за сајбер-безбедност не значи дека верувам оти тоа може да се случи“, напиша Трамп.
Претходно, тој преку Твитер напиша дека со рускиот претседател Путин на средбата на самитот на Г20 во Хамбург разговарал за заедничка единица за борба против сајбер-криминалот. Ваквата единица, како што беше најавено, во иднина, на пример, би требало да штити од изборни манипулации.
Идејата за борба против сајбер-криминал заеднички со Русија наиде на остра критика во редовите на Трамповите републиканци. Сенаторот Линдзи Греам за Ен-Би-Си изјави: „Ова не е најглупавата идеја за којашто сум слушнал, но е многу блиску до тоа.“ Марко Рубио, кој беше еден од републиканските кандидати за претседател, на Твитер напиша дека партнерство со Путин во делот на сајбер-безбедноста е како да се склучи партнерство со сирискиот претседател Асад за хемиското оружје.
Во САД во моментов повеќе тела ги истражуваат обвинувањата дека Русија со шпионирање на доверливи податоци влијаела врз американските претседателски избори. Освен тоа, се истражува и дали имало тајни договори меѓу изборниот тим на Трамп со претставници на руската влада. Трамп, исто како и Москва, ги отфрла обвинувањата за мешање во изборната кампања.