Трамп пак ја минимизира омразата
16 август 2017Американскиот претседател Доналд Трамп првично избегна експлицитно да ја лоцира одговорноста и по настаните во Шарлотсвил зборуваше за насилство од „сите страни“. Тој одбегна споменување на расистите и нацистите, на чија демонстрација во изминатиот викенд во универзитетскиот град во сојузната држава Вирџинија загина една жена, кога 20-годишен нацист со својот автомобил намерно влета во групата контрадемонстранти.
„Мижењето“ на Трамп предизвика остра критика кај Демократската партија, но и кај припадници на Републиканската партија. Дури по два дена, под растечкиот јавен притисок, Трамп во понеделникот се дистанцираше јавно од десноекстремното насилство и од расистичката организација Кју Клус Клан. На прашањето зошто чекаше два дена, одговори дека не сакал да избрзува и сакал да причека на фактите.
„Сакав мојата изјава да биде целосно коректна“, се бранеше Трамп на прес-конференција синоќа во Њујорк. Според него, двете групи биле изразито агресивни, иако никој не сака тоа да го признае.
Трамп вчера повторно избегна делото на човекот, кој со автомобил влета во толпата луѓе и притоа уби една 32-годишна жена, да го квалификува како терористички акт. Буквално, Трамп рече дека во Шарлотсвил имало насилство од страна на левичарите. „Дали тие не сносат вина?“, праша тој реторички, а видно возбуден.
Во дебатата во меѓувреме се вклучи и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, јасно дистанцирајќи се од американскиот претседател: „Расизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и исламофобијата ги трујат нашите општества“, изјави тој.
Демонстрациите во Шарлотсвил ги организираа повеќе групи од десничарскиот и ултрадесничарскиот спектар, меѓу кои и Кју Клус Клан и движењето Alt-Right. Бројни учесници на протестниот марш на капите или маиците го носеа ликот на Трамп. На главниот стратег и советник на Трамп, Стив Бенон, поранешен директор на конзервативниот интернет портал „Брајтбарт “, му се припишува дека исто така сноси вина за јакнењето на антисемитското и расистичко движење Alt-Right. Според медиумите, тој се наоѓа кратко пред отпуштање, иако Трамп на прес-конференцијата во Њујорк синоќа го пофали како „добар човек, кој не е расист“, истакнувајќи ја својата приврзаност и пријателство кон него. Сепак, Трамп ја остави отворена судбината на Бенон во Белата куќа: „Ќе видиме што ќе се случува со господинот Бенон“.