1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Трамп најави засилен ангажман во Авганистан

СН/ агенции
22 август 2017

По консултациите со неговите советници, американскиот претседател претстави нова стратегија за ангажманот во Авганистан. Брзо повлекување на американските трупи од земјата според него не е веќе предмет на дискусија

https://p.dw.com/p/2icKW
U.S. Navy Seals Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/U.S. Navy/Seal

Американскиот претседател Доналд Трамп ја исклучи можноста за повлекување на САД од Авганистан, откако отвори пат кон испраќање дополнителни војници во земјата.

Трамп не го наведе бројот на дополнителни војници, сметајќи дека тоа би било „контрапродуктивно“ и додаде оти нагло повлекување на американските сили би оставило „вакуум кој би го искористиле терористите“.

„Мојот прв инстикт беше повлекување, но одлуките се донесуваат поинаку кога сте во Овалниот кабинет“, рече Трамп во говорот во воената база Форт Мајер, југозападно од Вашингтон.

Во Авганистан се наоѓаат околу 8.400 американски војници кои им пружаат поддршка на локалните власти во борбата против бунтовниците по повлекувањето на меѓународните сили на крајот на 2014 година.

Пентагон пред неколку месеци разгледа план за испраќање на околу 3.800 дополнитени војници со цел да ја зајакне авганистанската војска, која не може да се справи со бунтот на талибанците.

Трамп, претставувајќи ја новата стратегија за Авганистан го предупреди соседен Пакистан да не им пружа засолниште на бунтовниците.

USA Fort Myer Trump Rede Afghanistan Strategie
Фотографија: Getty Images/M. Wilson

„Пакистан ќе има полза ако соработува со нас во Авганистан, но и многу ќе загуби ако продолжи да им пружа засолниште на терористите. Тоа мора веднаш да се промени“, рече Трамп.

Американскиот претседател, истотака, остави можност за дијалог со одделни групи бунтовници во Авганистан. „Можеби во еден момент ќе биде возможно да се оствари политички дијалог со еден дел од талибанските бунтовници во Авганистан“, рече Трамп.

Пред говорот на Трамп, шефот на американската дипломатија Рекс Тилерсон одржа состанок со министрите за надворешни работи на Авганистан, Пакистан и на Индија.

Тилерсон разговараше со колегите од овие три земји за можностите за нивна соработка со САД за нова регионална стратегија со цел да се стабилизира јужна Азија.

САД започнаа интервенција во Авганистан на 7 октомври 2001 година како одговор на терористичките напади на Њујорк и во Вашингтон на 11 септември истата година, со цел талибанците да бидат соборени од власт и да се уништи терористичката организација Ал Каеда, која беше одговорна за тие напади.