1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп раскрсти со својот екс-стратег Бенон

ЖА / агенции
4 јануари 2018

Екс-стратегот на американскиот претседател излезе со тешки обвинувања против неговиот најстар син, Трамп возврати вербално со сета сила- го прогласи Стив Бенон за луд.

https://p.dw.com/p/2qK5E
USA Trump und Bannon
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој своевремено го направи ултрадесничарскиот идеолог Стивен Бенон свој стратег во Белата куќа, сега својот тогашен сојузник го прогласи за луд. Во вчерашното соопштение на Трамп се вели дека Бенон го загубил разумот. Повод за жестоките вербални напади е бризантна книга која треба да биде објавена следната недела, а во која Бенон  во врска со руската афера  го обвинува синот на Трамп, Доналд Трамп Јуниор за предавство и непатриотско однесување.

„Стив Бенон нема никаква врска со моето претседателствување. Со отказот, тој не само што ја загуби својата работа, туку и својот разум“, изјави Трамп, додавајќи: „Сега, кога остана сам, Стив сфати дека победувањето не е лесно. Стив одигра многу ограничена улога во нашата историска победа“.

Бенон во август 2016. година се вклучи во изборната кампања на Трамп и му донесе бројни гласачи од ултрадесничарскиот табор. По влегувањето во конфликт со повеќемина соработници на Трамп, тој мораше да ја напушти Белата куќа во август 2017 година.

Donald Trump Jr.
Доналд Трамп Јуниор обвинет за илегални контакти со РусијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/K. Willens

Најновиот напад на Трамп врз Бенон е реакција на објавени извадоци од книга на новинарот Мајкл Волф со наслов: „Оган и бес: Внатре во Белата куќа на Трамп“, која треба да излезе од печат идниот вторник.

Во неа Стивен Бенон го обвинува Трамп Јуниор за предавство поради тоа што во јуни 2016 година, за време на претседателската изборна кампања, се сретнал со руската адвокатка Наталија Веселницкаја, надевајќи се од неа да добие компромитирачки материјал за ривалката на неговиот татко, Хилари Клинтон.

Повеќе на темата: 

Трамп обвинува за „лов на вештерки“

САД: Први обвиненија за аферата со Русија и изборите

Средбата во њујоршката Кула Трамп, на која присуствувале и зетот на Трамп, Џеред Кушнер и тогашниот шеф на изборниот штаб, Пол Менафорт, од аспект на Бенон е непатриотска и за неа требало да биде информирано ФБИ:

„Тројца високи функционери во кампањата мислеа дека би била добра идеја да се сретнат со странска влада во Кулата Трамп во собата за конференции на 25-ти кат – без адвокати. Дури и да мислеле дека тоа не е предавство, ниту непатриотско, јас мислам дека требало веднаш да го повикаат ФБИ“.

Извадоци од сѐ уште необјавената книгата на Волф објавија весниците „Њујорк тајмс“ и британски „Гардијан“.

Трамп се наоѓа под силен притисок поради сомнежи за илегални контакти на неговиот изборен тим со Русија. Аферата е предмет на истрага и на специјалниот обвинител Роберт Милер, што досега резултираше и со едно обвинение, против Пол Менафорт, кому на товар му се става перење пари поврзано со неговата лоби-активност за проруските сили во Украина. Тој од своја страна пак поднесол тужба против Милер и американското Министерство за правда за пречекорување на нивните надлежности.