1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и случајот Кавано - на потег е ФБИ

ЖА / агенции
29 септември 2018

Изјаснувањето на Сенатот на САД за спорниот кандидат за судија во Врховниот суд се пролонира, претседателот Трамп реши со случајот да се зафати Федералното истражно биро.

https://p.dw.com/p/35hVk
Brett Kavanaugh Anhörung vor dem US-Senat wegen Missbrauchsvorwürfen
Фотографија: Reuters/M. McClain

Истрагата околу обвинувањата за сексуално злоупотребување против Брет Кавано, кандидат за судија во Врховниот суд на САД, треба да се ограничи на „веродостојни обвиненија“ и ќе трае максимално една недела, соопшти преку Твитер портпаролката на американскиот претседател Доналд Трамп, Сара Сандерс. 

Брет Кавано е соочен со обвинувања дека како млад човек во повеќе наврати сексуално вознемирувал и злоупотребувал жени. Една од нив, Кристине Блејзи Форд, беше сослушана во четвртокот во Комисијата за правосудство на Сенатот. Професорката по психологија на товар на Кавано во исклучително емоционалното сведочење го стави неговиот обид за силување од пред 30 години. Кавано, неколку часа подоцна, во настап исто така разбрануван од чувства, пред членовите на Комисијата ги отфрли обвинувањата на Форд. 

Обвинувања за сексуално вознемирување против судијата Кавано

Американскиот претседател, без оглед на критиките, не се откажува од својот посакуван кандидат. Но, огромниот притисок создаден дополнително по тесниот резултат во Комисијата за правосудство во која е дадено зелено светло за номинацијата на Кавано, расте. Републиканскиот сенатор Џеф Флејк, кој и претходно се двоумеше, се изјасни во прилог на кандидатура на Кавано, но побара истрага од страна на ФБИ, пред да гласа Сенатот и да го каже последниот збор. Со тоа сенаторот се стави на страната на Демократите, кои и претходно бараа со случајот да се позанимава ФБИ, што Републиканците го отфрлаа.

Целата постапка се одвива во исклучителен временски притисок, зашто на почетокот на ноември се одржуваат изборите за Конгресот. Исходот од гласањето е неизвесен, не се исклучува Демократската партија таму да добие мнозинство. Ако тоа се случи, а актата Кавано уште не е завршена, Демократите можат да го спречат именувањето на Кавано, а со него и мнозински конзервативно насочен состав на Врховниот суд.