Трамп за НАТО зборува едно, министерот за одбрана - друго
24 јануари 2017Новиот американски министер за одбрана Џејмс Матис во телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја нагласи својата поврзаност со воената алијанса. Матис јасно стави до знаење дека САД во потрагата по сојузници секогаш прво ќе гледаат кон Европа, соопшти портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис. Министерот за одбрана, како што се вели, свесно го водел телефонскиот разговор уште во текот на својот прв работен ден за да го потенцира значењето кое му го придава на НАТО.
Со ова, 66-годишниот Матис уште еднаш се дистанцираше од изјавите на Доналд Трамп. Новиот американски претседател, пред да биде инаугуриран, во едно интервју оцени дека НАТО е „застарен“ и ја повтори критиката дека европските НАТО-партнери преземаат премал дел од финансискиот товар на алијансата. Дејвис потврди дека шефот на Пентагон Матис ќе учествува на средбата на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во февруари.
Обиди за пеглање на „стутканото“
По кавгата со претставниците на медиумите околу бројот на гледачи на инаугурацијата на Трамп, портпаролот на американскиот претседател Шон Спајсер исто така прави обиди за пеглање на работите. На втората средба со новинарите во Белата куќа тој рече дека посакува „здрав однос“ со претставниците на седмата сила.
„Нашата намера никогаш не била да лажеме“, подвлече Спајсер. Тој изјави дека на новинарите ќе им ги презентира фактите онака како „што му се познати“. Два дена претходно, Спајсер во настап пред новинарите кој беше многу критикуван рече дека дел од медиумите „намерно погрешно известуваат“ за инаугурацијата на Трамп и дека притоа манипулираат со погрешни тврдења и бројки. Тој уште и се закани дека овие медиуми „ќе одговараат“.